Пендаровски да се извини за Гоце Делчев ако сака средба со Мицкоски

Граѓаните добиле резултат 0 од СЈО и затоа опозицијата ќе усвои нов Закон за јавно обвинителство што ќе биде според на европските стандарди, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за Канал 5.



Според Мицкоски власта обвинува дека опозицијата сака да го искористи Законот за јавно обвинителство затоа што знае дека на следните избори ќе доживее дебакл.

Според Мицкоски и странските дипломати се свесни што се случува.

„Ја слушнавме изјавата на амбасадорот Тимоние знаеме што кажа во однос на реформите, исто како кога Германската бизнис асоцијација и додели нула на владата за функционирање на бизнисот во Република Македонија”, вели Мицкоски и додава дека се е добро на хартија, но нема имплементација, лош е амбиентот во кој функционира политиката и демократијата, нема владеење на право.

Во интервјуто тој зборува и за евроинтеграцијата и вели дека треба да се лобира заедно за земјава да добие датум за преговори.

Во однос на тоа дека не е повикан на средба кај претседателот Стево Пендаровски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека секогаш кога ќе биде повикан на лидерска средба каде што ќе се одлучува за иднината на државата, ќе присуствува.

Ова не важи за средби со Пендаровски во четири очи.

„Но, доколку господинот Пендаровски сака да има тет-а-тет средба со мене тогаш ќе треба да докаже дека е претседател на сите граѓани. И ја користам оваа прилика еве да му упатам еден апел доколку навистина искрено сака средба со лидерот на опозицијата, прво што треба да направи е да им се извини на Македонците во Република Македонија за неговата изјава за Гоце Делчев и истата да ја повлече, па дури потоа може да разговараме за наша заедничка средба”, вели Мицкоски.