По средбата во вила „Водно“ со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, претседателот на државата Стево Пендаровски изјави дека целта на средбата не била да се направи притисок врз судството, ниту дека тој заговарал ревизија на судските пресуди за „27 април“, пренесе 360 степени.
Пендаровски на средбата, како што рече, го повторил ставот дека помилување на лица кои направиле кривично дело без преседан во современа Европа не доаѓа предвид, зашто нивната вина во тој процес неспорно била утврдена во судски процес.
„Мојот став – дека кога има нови докази кои порано не биле познати може да го преотвори процесот, не значи дека заговорам реотворање на процесот.
Јас само ја цитирам одредбата од законот и законската можност според која тие луѓе преку своите адвокати во вонредно правен лек можат да побараат од Врховниот суд да ги оцени новите докази, ако такви воопшто постојат и одлуката дали процесот ќе се повтори сигурно нема да ја носи некој политички фактор, туку судот“ изјави Пендаровски.







