САД нема да го напуштат Тајван, изјави денеска претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси, на заедничката прес-конференција со претседателката на Тајван, Цаи Инг-вен, со која се сретна во Тајпеј.



„Нашата делегација дојде во Тајван за да стави јасно до знаење дека нема да се откажеме од нашата посветеност на Тајван и горди сме на нашето трајно пријателство. Сега повеќе од кога било, американската солидарност со Тајван е клучна, а тоа е пораката што ја носиме овде денес“, рече Пелоси, пренесе Си-Ен-Ен.

Претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, по пристигнувањето во Тајван и нагласи дека посветеноста на САД за демократски Тајван е поважна од кога било.

Таа наведе дека во разговорите со лидерите на Тајван „ќе биде повторена поддршката за американските партнери и ќе биде промовиран заеднички интерес, вклучително и унапредување на слободниот и отворен индо-пацифички регион“.

„Нашата посета не е прва, делегации на Конгресот дојдоа во Тајпеј и претходно. Ова на никаков начин не е во спротивност со американската политика, која е водена од Законот за односи со Тајван од 1979 година“, напиша Пелоси.

Законот за односи со Тајван од 1979 година ги регулира односите на САД со островот, не бара од САД да интервенираат воена во случај на кинеска инвазија, но наложува Тајван да добие ресурси за да се брани, како и да спречи какви било унилатерални промени во неговиот статус од страна на Пекинг.