Веб-порталот СДК.мк пренесува дека недостигаат уште тројца пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, да се дојде до бројката од 80 пратеници кои ќе гласаат „ЗА“ уставни промени, пишува денеска етнологот и културниот работник Александар Ристевски.
Според него тоа значи дека дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат „ЗА“, но нивните колеги, кои се силно против Договорот со Грција, им спремаат пеколна замка, од која тешко ќе можат да се извлечат нивните партиски колеги.
“Наводно, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои ќе го поддржат Договорот, ќе го сторат тоа само доколку гласањето е тајно, но да не ризикуваат, групата пратеници на ВМРО-ДПМНЕ најавува дека непосредно пред да започне гласањето, тие ќе ја напуштат собраниската сала, при што ќе се види кои од пратениците ќе останат внатре.
Во таков случај, веројатно и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, кои би требало да гласаат за промена на уставни измени, ќе им се придружат на колегите и ќе ја напуштат салата, при што ќе се загуби двотретинското мнозинство.
Доколку се случи сето тоа, ќе дојде до распишување на предвремени парламентарни избори” пишува Ристевски кој важи за активист близок на македонската десница и има добри извори во опозицијата.





