„Редица политички скандали изминатиов период го тресат врвот на ДУИ, за кои јавноста чека институционална и правна разврска. Почнувајќи од пцости и навреди, контроверзни антидржавни изјави на министри, јавно изнесени индиции за незаконско копање криптовалути, па сѐ до затворање на вратите на Собранието итн. Но освен празна политичка реторика, засега нема ништо конкретно за нивна разврска, што ја наметнува и дилемата: дали можеби некои политичари и функционери се над правдата и законите?“ – прашува Митко Јовановски во својата анализа со наслов „Ајде, ред се редат скандали на ДУИ“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
„Серија постапки на интегративците ја брануваат јавноста“
Јовановски пишува: „Функционери на ДУИ изминатите денови се постојано на удар на јавноста поради редица нивни постапки. Веќе неколку дена опозицијата бара претседателот на македонското Собрание Талат Џафери да понесе морална одговорност за навредите што ги упати кон вработените во собраниското обезбедување, за што беше објавена и аудиоснимка. Опозицијата бара одговорност од Џафери и за најновиот скандал со заклучување на собраниските врати. Претходно големи реакции предизвика и министерот за економија Крешник Бектеши, со изјавата дека не е ‘македонски министер’.
„На адреса на функционерите на ДУИ пристигна уште едно укажување од лидерот на Алијансата на Албанците Зијадин Села. Во гостување на ТВ 21 тој рече дека се копаат криптовалути во училишта, чии директори се поставени од ДУИ! ‘Имам информации дека во училишта, раководени од ДУИ, се копаат криптовалути. Каде е полицијата и што преземаат институциите?’ – праша Села. Ова не е првпат, од различни извори и личности, да се посочува за можни незаконски дејства на функционери на ДУИ. Лидерот на Алијансата Села вели дека ‘за дваесет години нема ниту еден обвинет, или осуден функционер на ДУИ’, алудирајќи на тоа дека ‘интегративците’ уживаат посебен статус, кога станува збор за соочување со правдата.“
„Серијата скандали во таборот на ДУИ ја наметнува дилемата: дали е време некој да преземе некаква одговорност?“
„Во Македонија не постои правдата. ДУИ се наоѓа во некоја привилегирана позиција. Не очекувам дека ќе има и некаква морална одговорност за нивните кадри. Погледнете го случајот со пожарот со ковид-болницата во Тетово. Сѐ уште нема процесиран предмет за одговорните за трагедијата. Сѐ се сведува на отворен пазар меѓу политичките субјекти. Владеењето на правото е оставено настрана. Не верувам дека работите ќе можат да се сменат и со досегашното дејствување на Јавното обвинителство. Ќе има и натаму некои, што се во привилегирана позиција пред правниот систем’ – ни изјави Синиша Пекевски, политички аналитичар.“
Интернет-врска до целата анализа:
https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/ajde-red-se-redat-skandali-na-dui/





