Пекевски: „Пржинската“ влада треба да се укине, нема никаква поента околу нејзиното формирање

„Формирањето техничка влада губи секаква смисла во услови кога никој во никого нема доверба и кога никој никому не му дава поддршка. Вештачки се прави спој на политички субјекти, кои не сакаат заеднички да функционираат.“ – се констатира во политичката анализа на новинарот Сашо Таневски под наслов „Сите апсурди на техничката влада“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.



Како да се постапи во ситуација, во која меѓународните експерименти врз Македонија со години создаваат само проблеми?

Формалните процедури за избор на техничката влада треба да започнат в четврток, кога се очекува да поднесат оставки премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на Собранието Талат Џафери. Потоа в петок треба да се избере нов претседател на Собранието, а в недела да се гласа за новата техничка влада. Со оглед на последните изјави од власта и опозицијата дека едни на други нема да гласаат за предложените кандидати за министри и заменик-министри, се наметнува дилемата: дали воопшто ќе се случи техничката влада, или ќе се стави точка на оваа фалична практика, со која државата пред секои избори целосно се блокира речиси половина година?

Според политичкиот аналитичар Синиша Пекевски, не постојат никакви дилеми дека постоењето на техничката, или пржинската влада, сто дена пред избори повеќе нема никаква смисла, оти се губи драгоцено време, а реформската агенда гасне.Пржинската влада треба да се укине и не гледам никаква поента околу нејзиното формирање. Таа е доказ дека не знаеме да функционираме и оти не можеме една работа нормално да направиме.“ – вели Пекевски.

Се осврнуваат и други политички аналитичари на апсурдите од постоењето на техничката влада или попозната како „пржинска“. „Власта требаше да прифати кога опозицијата понуди да се укине ваквата техничка влада. Три-четири месеци ќе се отидеше порано на избори и никому ништо. Државата се држи во заложништво, поради партиски суети. Се покажа дека таа техничка влада повеќе не функционира и требаше да завршиме со тоа.“ – категорични се соговорниците. Според нив, следната влада, која и да биде, треба да се договори со опозицијата веднаш да го укинат Законот за техничка влада и конечно да се отстрани тоа, како што велат, „диво месо“ од македонскиот систем.