„Преодната влада излегува надвор од законските рамки, предвидени со Пржинскиот договор. ‘Сериски произведува’ и доставува предлог-закони до Собранието како да е политичка влада, што си ја тера со полн капацитет политичката агенда на претходниот владин кабинет, чиј мандат заврши.“ – се наведува во анализата на новинарот Сашо Таневски со наслов „Преодната влада заборави што беше договорено во Пржино“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Наместо да подготвува терен за претстојните претседателски и парламентарни избори, оваа влада ја продолжи работата на претходната политичка влада.
Покрај другото, во анализата пишува: Во какво својство оваа преодна влада препраќа до Собранието исклучително важни закони, што треба да бидат подготвени и да бидат одобрени од Владата со политички мандат? Техничката влада се воспоставува за извршување одредена (една) обврска, за сто дена, со строго ограничени надлежности за донесување одлуки, како влада за спроведување избори. Познавачите на состојбите се категорични дека преодната влада има јасен мандат и не смее да излегува надвор од ингеренциите утврдени со Договорот од Пржино. Според нив, „до Собранието се доставуваат закони, од чие усвојување некој ќе оствари голема корист.“.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски се согласува дека немаше никаква потреба од преодна влада. „Техничката влада е бурлеска и воопшто не треба да постои. Во Македонија сѐ останува исто, тонеме во корупција и криминал, ама демек сме на ЕУ-пат. Си играме држава, а нашите политичари се исфрустрирани и неизживеани лица, гладни само за власт.“ – констатира Пекевски.
Тој заклучува многу гневно: „Кога е некој на власт во Македонија слободно си ги толкува законите. Затоа државата се најде на ова дереџе. Политичарите се убедени дека сѐ се може кога се на власт се може да помине, си ги толкуваат законите како што им одговара. Затоа пропаѓаме во секоја смисла.“





