„Многу е перверзно да кажеме и ние сме Европа во време кога членка на европската Унија се иживува врз нас. Претходно друга членка на ЕУ се иживуваше врз нас со небулозни барања, а сега имаме и втора членка на ЕУ, што го прави истото. Дали е тоа во духот на европските вредности и почитување на сето она што ЕУ го пропагира? На граѓаните им е преку глава и веќе се свесни за вакви небулозни кампањи, кои се прават со цел приближување на ЕУ во време кога секој ден гледаат дека во секој поглед, кога се работи за Македонија, се кршат тие правила и начела.“ – објави политичкиот аналитичар Синиша Пекевски на својот фејсбук-профил, реагирајќи на најавената кампања на Владата под мотото „Ние сме Европа“, со која ќе бидат потрошени 80 илјади евра, за да бидат убедувани граѓаните за уставните измени.
Со оваа своја реакција Пекевски се огласи првично за вчерашната анализа на Радио Слободна Европа на македонски јазик под наслов „Мицкоски се жали на притисоци, Ескобар доаѓа во Скопје, а власта во кампања ‘Ние сме Европа“, која потоа ја пренесе на својот фејсбук-профил.
Тврдејќи на прес-конференција дека „главна цел на кампањата е претставувањето на европските вредности“, на почетокот на таа кампања вицепремиерот Бојан Маричиќ кажа: „Целта е на граѓаните да им ги претставиме и придобивките од брзото членство во ЕУ, реформите кои треба да ги направиме и начините како членството ќе ги зачува нашиот идентитет, посебноста и мултиетничноста на државата.“
Но, Пекевски многу јасно му реплицираше на Маричиќ, поставувајќи го прашањето какви „европски вредности“ ќе им се претставуваат на граѓаните со „бесмислената, небулозна кампања“ во време кога граѓаните самите гледаат дека „наместо приближување кон ЕУ“ и „европски правила и начела“ постои поправо „добрососедско иживување врз Македонија“ и „кршење на тие правила и начела на ЕУ кога се работи за Македонија“.





