Групацијата на мелничко-пекарската индустрија донесе одлука од утре да прекине со штрајкот и да почне да произведува и да доставува бел и полубел леб по замрзната цена од 33 денари.
Но, претседателот на Групацијата Горан Малишиќ, најави битка против владината одлука која, како што рече, ќе ја водат на правна основа.
„Пекарската индустрија е жртва на безумието и одлуките кои се носат се на штета на пекарската индустрија. Одлуките кои Владата ги донесе прават огромни штети и загуби на индустријата на месечно ниво кои се во износ од над 1,5 милиони евра.
Поради наметнатите загуби пекарската индустрија е принудена да се прилагоди и истите да ги намали со одредени видови на леб, но и да намали во бројот на вработени за да опстане во иднина. На овој начин индустријата во наредните три месеци, ако остане одлуката само за три месеци, ќе бара начин да опстане.
Владата како и пред носењето на одлуките така и по нивното носење повеќе е од очигледно дека нема чувство за новонастаната ситуација и при тоа е свесна дека со ваквите популистички мерки уништува стратешка индустрија.
Доколку оваа одлука помине сега во делот на производството на леб, тогаш истото ќе се случи и со остатокот на прехранбената индустрија за што веќе сведочат и денешните изјави на премиерот дека се планира замрзнување на цените на производите и на останатите производи“, рече Малишиќ по денешниот состанок на членовите на Групацијата откако Владата донесе одлука со која ги обврза трговците и производителите на леб да обезбедат леб по замрзната цена.







