Фронтменот на една од најдобрите музички групи во последниве петнаесетина години во Македонија предлага основање на движење кое би ги збрало сите културни дејци кои се против шундот и кичот во културата и уметноста.
„Со доаѓањето на функција на новиот министер за култура сметам дека е вистинско време за ова и за реакција СЕГА И ТУКА“,пишува Петар Младеновски од „Суперхикс“.
„Пред некој ден ја ‘нафрлив’ идејата за здружување на сите културни дејци (музичари – рокенрол, електроника итн., поети, писатели, филмски работници) или, ако сакате наречете се ‘артисти со културен префикс’, кои се незадоволни од состојбите во културата, од турбофолкеризацијата на средината, промоцијата на кич и шунд (дури и во културни домови од неодамна) во една поширока (за почеток) неофицијална платформа која би ја оформиле тука, на ФБ како група.
За почеток ова ќе има неформален карактер и секој кој милува ќе може да и се придружи.
Целта на истата ќе биде отсега па натаму малку поздружено да реагираме на одредени моменти од кои не сме задоволни и на тој начин вршиме “притисок“ кон одговорните во тој сектор и на тој начин станеме свесни и активни корективи на многу недостатоци кои ги гледаме и чувствуваме секојдневно .
Ве имаше доста кои бевте ЗА па ајде да видиме дали ќе останеме и натаму “пасивни фејс активисти“ или малку ќе се активираме на “терен“! Очекувајте покана за придружување на истата”, ја образложува својата идеја и планот за работа фронтменот на култните Суперхикс кој прогласот го завршува со пораката
“ДА ЖИВЕЕ КУЛТУРНА МАКЕДОНИЈА”.





