„Никој не може да спречи земја членка на Европската Унијата да покренува свои прашања во пристапниот процес“, рече портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас во врска со бугарските услови за Македонија во ЕУ и нагласи дека и Грција во интегративниот процес на земјава ќе бара да бидат задоволени грчките интереси.



„Ние традиционално сме за зајакнување на врските на земјите од целиот регион и секако ја имаме поддржано европската перспектива на земјите од Западен Балкан. И ќе продолжиме да го правиме тоа. Оттука, како што знаете и ние во минатото кажавме дека ќе одиме на отворање и затворање на преговарачките поглавја согласно и со нашите интереси. Ќе гледаме, во интегративниот процес да гарантираме дека се задоволени грчките интереси. Во овие рамки, никој не може да спречи никоја друга држава членка да покренува свои прашања во процесот. Се надеваме дека на крајот од патот навистина ќе се отвори вратата за европска перспектива и на овие земји – рече Пецас како одговор на прашањето на дописничката на МИА.