По силните реакции во јавноста за случајот со угостителот од Гевгелија, казнет на 7.000 евра бидејќи во неговиот ресторан биле за затекнати гости без вакцинални сертификати, директорката на Државниот пазарен инспекторат вели дека се постапувало согласно анти-ковид мерките предвидени од владата.
„Доколку нашата Влада одлучи дека треба да се укинат тие мерки, односно да нема ковид сертификати, ние нема да ги бараме од угостителите, но се додека се тие на сила, ние мора да постапуваме. Ние долго време бевме толерантни, со месеци едуциравме, опоменувавме… Сега гледаме дека секаде угостителите се олабавија, и на многу места и не се бараат тие сертификати, но факт е дека законите се уште тоа го налагаат. Ако се уште постои таа мерка, треба да се почитува“, вели Анета Симеска-Димоска во разговор за Фактор.
За конкретниот случај со казнетиот угостител од Гевгелија објаснува:
„Она што утврдиле МВР е дека пет лица биле без сертификат. Значи тие воопшто немале вакцинален сертификат. Во случај кога би имале лажни сертификати, тогаш против тие лица кои се откриени со лажни сертификати, би се поднеле кривични пријави. Но, во овој случај е откриено дека петмина гости воопшто немале сертификати, што стои и во записникот изготвен од инспекторите“.







