„Се надеваме дека враќањето на скулптурите на Партенон конечно ќе биде можно“, изјавил во средата грчкиот претседател Прокопис Павлопулос во средата за време на официјалната вечера во претседателската палата приредена во чест на британскиот принц Чарлс и неговата сопруга Камила.
Грчките медиуми не известуваат што и дали воопшто одговорил на ова прашање принцот од Велс кој со војвотката од Корнвол, беа во тридневна посета на Грција.
Скулптурите од Партенон или попознати како „Елгинови мермери“ е името на комплетот од мермерни рељефи кои од сите четири страни го краселе атинскиот Партенон и кои датираат од петти век од пред нашата ера.
Во 1801 година, британскиот лорд Елгин, инаку Шкотланѓанец по потекло, ги откупил „камењата“ како што тогаш ги нарекувале, од Отоманските власти кои владееле со Грција во тоа време и со бродови ги пренел во Шкотска со намера да ги вгради како украс во неговиот замок.
Во 1816 година, лорд Елгин сепак за солиден надомест ги „отстапил“ мермерите кои имаат непроценлива уметничка, историска и археолошка вредност, на Британскиот Музеј, каде смесетни во посебна просторија, посветена на античката грчка цивилизација, каде се наоѓаат и сега.
Официјален Лондон и Атина подолго време спорат околу враќањето на „мермерите“, но ниедна британска Влада, како и управата на Британски Музеј, никогаш не се согласиле да им се вратат на Грција и на атинскиот Акропол.
Мелина Меркури, позната грчка актерка и министерка за култура во владата на Андреас Папандреу во периодот 1981-1989, поведе и меѓуународен судски процес, но „мермерите“ на лордот Елгин останаа во Лондон.
Грција смета дека мермерите од Партенон биле украдени од Грција.
Британските власти тоа го отфрлаат, инсистирајќи дека Елгин ги купил од тогашните „легални“ власти во Грција и за тоа постои и документ.
Уште повеќе, британскиот став е дека лордот Елгин всушност го спасил тоа богатство, кое најверојатно ќе било уништено од османлиските власти.
Последен обид на Атина да ги врати мерметрите беше пред Олимписките игри во 2004 кога од Британскиотмузеј било побарано барем за време на Олимпијадата да бидат привремено вратени на местото каде што припаѓаат.
Но, и тоа беше одбиено.





