„Кога судирот меѓу Западот и Москва го достигнува својот максимум, забележителни се напорите на САД да ја поттикнат Европската Унија брзо да го реши прашањето за Западен Балкан, односно државите што го чекаат својот ред за влез во ЕУ – Босна и Херцеговина, Србија, Албанија, Македонија, Црна Гора и Косово. Иако од перспективата на земјите-кандидати, па и на САД, се чини дека ЕУ бара изговори да го одложи на ‘неодредено’ ветувањето за прием на Западен Балкан, сега сѐ погласно се слушаат гласови дека во заднината на судирот со Русија е потребно да се забрза процесот на интеграција на Балканот, за да се спречи Москва да ја замати водата во овој регион.“ – вели Јасминка Павловска во својот коментар со наслов „Нели ги решивте добрососедските односи на балканските земји, за да не биде регионов ‘зона на конфронтација’?!“, кој го објави весникот „Нова Македонија“.
Павловска пишува: „Како сериозен нерешен меѓусебен спор на Балканот, кој ги попречува намерите и стратегијата на Западот за брза интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ, се наметна ветото што ‘неочекувано’ ѝ го наметна Бугарија на Македонија, кога западните сили ‘поверуваа’ дека со Преспанскиот договор со Грција се задоволени балканските држави (!?) во однос на македонското прашање и оти можат без други ирационални проблеми од национално-идентитетски вид да ја спроведуваат големата геостратегија.“
„Преспанскиот договор ѝ ги отвори апетитите на Бугарија и ја охрабри отворено и гласно пред ЕУ да ги артикулира своите вековни аспирации спрема Македонија и македонството. Земјите-членки на ЕУ, наводно, не ги разбираат барањата на Бугарија за отстранување на ветото, но и секогаш ѝ даваат шанса да ги рационализира своите уцени за тие да поминат како европска вредност, што може да биде вградена во преговарачката рамка за Македонија.“
„Сега, францускиот претседател Макрон (како сѐ уште актуелен претседавач со Советот на ЕУ) се нуди да биде гарант за спроведување на некаков билатерален договор меѓу Македонија и Бугарија. Само што се чини дека и понатаму не му е јасно – што бара точно Бугарија. Во текот на изминатите три години, Бугарија во неколку наврати ја надградуваше својата т.н. рамковна позиција потврдена со декларација на бугарското собрание, а објаснувана со меморандуми до земјите-членки на ЕУ.“
„Соочени со неразбирање на тие позиции, со кои се бара национално-историско асимилирање на Македонија и Македонците, бугарските политичари се обидуваат да ја сменат тактиката со нешто што ЕУ би можела полесно да го разбере – почитувањето на човековите права, во случајот – правата на Бугарите во РСМ и нивно внесување во македонскиот устав. За таа цел, под плаштот на ‘почитување малцински права’, кои никако не смеат да се спомнат во однос на македонското малцинство во Бугарија, бугарските политичари презедоа провокативни дејства – отворање т.н. бугарски културен центар во Битола (Македонија) именуван според осведочен фашистички соработник, Ванчо Михајлов.“
„Откако го активираа ветото за Македонија во ЕУ, бугарските политичари постојано се жалат дека се под притисок на сојузниците, но тие немаат намера да попуштат и да се откажат од своите барања, ни по цена на безбедноста и загрозеноста на регионот, ниту да дадат примат на големите геостратегии пред нивните национални интереси, колку и да се ирационални. Бугарското вето за Македонија, во услови на прокси-конфронтација на големите сили во Украина, можеби изгледа како ‘ситна граматичка грешка’ во големите геостратегиски интереси, но за македонското национално опстојување претставува животно загрозувачки предизвик. Македонија мора да се избори да не стане плен на нечии асимилаторски аспирации, во име на големата геостратегија.“
Интернет-врска до целиот коментар:
Home Македонија Павловска: „Западот ‘поверува’ дека со Преспанскиот се задоволени балканските држави околу македонското...





