Павловска: „Со чествувањето на Сандански Македонците и одговорија на Јотова, која ‘не ги гледа никаде во Бугарија“

„Како аргументирана реплика на изјавата на бугарската потпретседателка Илијана Јотова дека ‘не гледа никаде Македонци во Бугарија’ и како доказ за своето постоење таму, Македонците, кои не се откажуваат од своето етничко потекло во таа земја, се собраа во Мелник (Бугарија) да му оддадат почит на Јане Сандански. Собирот се случи во неделата, на 17 април, во чест на Јане Сандански, само еден ден по изјавата на таа изјава на Јотова, дадена во Битола.“ – вели Јасминка Павловска во својата статија со наслов „Македонците од Бугарија со јасна порака до Јотова и до Радев“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Павловска пишува: „Бугарската вицепретседателката Илјана Јотова требаше да дојде денес во Мелник на Семакедонскиот собор организиран од седум организации на бугарски државјани со македонска самосвест, за да ги види стотиците Македонци, кои наспроти дождот сепак дојдоа да му оддадат почит на Јане Сандански. Да ги види Македонците во Бугарија, за кои ниту чула ниту видела. Истите оние што нејзината држава некогаш ги признавала.’ – порачаа организаторите на Семакедонскиот собор во Мелник, Бугарија.“

„Во својата порака до Јотова, но која се однесува и на Радев, организаторите на Семакедонскиот собор во Мелник, дополнуваат: „Да ги види Македонците во Бугарија, истите оние што нејзината држава со децении ги дискриминира. Истите оние што веќе 32 години се мачат да регистрираат организации и партии во Бугарија. Истите оние поради кои Бугарија е веќе 14 пати осудена во Стразбур. Истите оние за кои пишуваат сите меѓународни извештаи за правата на човекот за Бугарија, вклучувајќи го и последниот на Стејт департментот. Истите оние што повеќе од деценија попусто бараат средба со нејзиниот шеф – претседателот на Бугарија, кој не наоѓа време да ги прими, ниту да им одговори.“

„Можеби Јотова треба да го праша Румен Радев, или заедно да прашаат во канцеларија или архива: кој таму ги крие писмата на овие Македонци, та бугарскиот вицепретседател да не знае ништо за нив?’ – порачаа организаторите на Семакедонскиот собор во Мелник, Бугарија.“