„Искоренувањето на корупцијата во државниот јавно-административен систем е меѓу главните услови, критериуми и очекувања за Македонија (и сите земји-кандидати) што тргнале на патот на евроинтеграциите.’ – вели Јасминка Павловска во својот коментар со наслов „Неподносливата леснотија на корупцијата“, кој го објави весникот „Нова Македонија“’.
Павловска пишува: “И покрај сите други искушенија за македонските евроинтеграции, што ги поставуваат соседите со нивните ‘вонкритериумски’“ вета, сепак, ЕУ и Европската комисија во нивните годишни извештаи редовно се насочени кон резултатите од справувањето со корупцијата, владеењето на правото, функционирањето на правната држава. Речиси во сите извештаи, иако оцената за постигнувањето на овие критериуми е просечно задоволителна, никогаш не изостанува забелешката дека ‘треба уште многу да се работи до целосна усогласеност на параметрите со европските’.
„Во контекст на забелешките за задоволување на критериумите на правната демократија, и покрај сета поддршка од САД – финансиска, стручна и организациска, американската амбасадорка во земјава, Мери Кејт Бернс неодамна во два наврата јавно укажа на незадоволителните резултати за довербата на граѓаните во македонското правосудство, но и од борбата со корупцијата. Поконкретниот ефект на изразеното американско незадоволство од справувањето на Македонија со високата корупција се покажа со проширувањето на т.н. ‘црна листа’ на САД со имињата на двајца поранешни високи македонски функционери – поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот директор на УБК – Сашо Мијалков.“
„Временското совпаѓање на објавувањето на новата ‘црна листа’ на САД со разоткривањето на коруптивната афера на поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зекири (како симптоматично криминализирањето на оваа функција во Владата, со повторување на речиси истиот прекршок на неговиот претходник – Драги Рашковски), како да ја нагласува пораката на меѓународната заедница за очекување неселективност (во смисла на партиска припадност) и поголема решителност во борбата против корупцијата на македонските институции.“
„Особено во последнава декада беа формирани повеќе специјализирани институции токму за борба против корупцијата, поддржувани и од јавноста и од меѓународната заедница, но разочарувачки за сите – некои од нив, Специјалното јавно обвинителство, на пример, самите се дискредитираа и дадоа аргументи за нивно укинување, со тоа што дозволија да бидат вовлечени во коруптивни афери. Ако таа корупција, особено онаа системската и широкораспространетата, стане организирана во толкава мера што без неа е речиси неможно да се функционира во општеството и да се заврши каква било сериозна работа, тогаш проблемот станува навистина огромен.“
„Кога станува збор за ‘организирана корупција’, каде што интересите и профитите се многу повисоки, а актерите многу помоќни и подобро организирани да ја ‘пресретнат’ контролата, тогаш е многу потешко е справувањето со оваа појава. Потребна е сериозна системска, морална, културна и политичка посветеност на борбата против корупцијата, за да Македонија не пропадне во безнадежна иднина.“ – нагласува Павловска во својот коментар, покрај другото.
Интернет-врска до целиот коментар:
https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/nas-stav/nepodnoslivata-lesnotija-na-korupcijata/





