Причината за револтот на мнозинството македонски граѓани (според анкетите, повеќе од 70 отсто се против францускиот предлог) е што во него, некаде директно, а во голема мера посредно се релативизираат Копенхашките критериуми за проширување на Унијата и македонскиот процес на преговори за членство во ЕУ.
Практично, се сведува на исполнување на бугарските барања за: ревизија на македонската историја, бугаризирање на македонскиот национален идентитет, сведување на македонскиот јазик на бугарски дијалект, па дури и дозвола за контрола од Бугарија за процесите и слободата на говорот во македонското општество – преку формулацијата „спречување говор на омраза“, пишува Јасминка Павловска за „Нова Македонија“ во пресрет на денешното изјасднување на пратениците за преговарачката рамка во македонскиот парламент.
(…)
„Она што е од суштествено значење и треба да се нагласи е стапицата во која може да западне самото Собрание и на некој начин со тоа да се негира и самопоништи себеси, односно своите претходно донесени одлуки и резолуции.
Имено, напишаното во понудената преговарачка рамка или таканаречен француски предлог е дијаметрално различен и во крајна спротивност со претходно консензуално донесените заклучоци на Собранието преточени во собраниската резолуција.
Имено, истиот парламентарен состав, кој денеска треба да расправа и одлучува за прифатливоста на францускиот предлог, пред извесно време со речиси акламативно мнозинство (95 пратеници) ја изгласа Резолуцијата во која како македонски црвени линии беа наведени:
-неотстапување од научните позиции за автентичноста на македонскиот јазик,
-почитување на легитимитетот на македонскиот национален идентитет и
-да не се дозволи никакво ексклузивно присвојување на „споделените места на меморија на балканските и медитеранските простори“, односно зацртување позиција на самостоен историски континуитет на Македонија и Македонците.
Оттука евентуалното прифаќање на предлог-преговарачката рамка, односно францускиот предлог, ги става пратениците во ситуација да ги погазат сопствените одлуки и на самонегација на сопствениот политички интегритет“ предупредува Павловска.







