„Несфатливите настојувања за прекројување и ограничување на националниот идентитет на Македонците, па и територијалниот суверенитет на Македонија во 21 век, што се одвиваат во меѓународна организација со највисок демократски и политички субјективитет, како што е ЕУ, која горделиво ги истакнува своите принципи на еднаквост и слобода на себеидентификација, веќе не може да се прикрие ниту со ‘креативни еуфемизми’ за негаторските и асимилаторските претензии на македонските соседи, инаку членки на ЕУ.“ – вели Јасминка Павловска во својот коментар со наслов „Прекројувањето на македонскиот идентитет ја деформира целосната кројка на ЕУ“, кој го објави весникот „Нова Македонија“.
Павловска пишува: „На моментната средба на врвот на ЕУ, со која завршува француското претседателство, Македонија добива ‘подарок со стапици’ – ‘божем француски предлог’ за повлекување на ветото на Бугарија, со што под бугарски услови и контрола на процесот би започнала преговори за членство во Унијата. Се зборува дека тој француски документ е испратен до земјите-членки на ЕУ, за да се изјаснат на самитот, но никој не признава ниту дека го испратил, ниту дека го примил, а македонската страна оти не го ни видела. Тоа остава простор за сомнежи за пазарење со некој од атрибутите на македонското национално постоење, на наша штета.“
„Сомнежот, поткрепен со болното искуство на Македонија за загрозен национален идентитет по потпишувањето на Преспанскиот договор со Грција, дополнително добива за право со лицемерството затскриено во ‘признавањето со задршка’ на ‘Православната црква на с.Македонија’ од страна на Бугарската православна црква. Многу е индикативно, е што тој чин на ‘духовна радост’ на БПЦ и прифаќање на решенијата за подигање на шизмата и влегување во канонско и евхаристичко општење со ‘Православната црква на с.Македонија’ се случува во време кога бугарските политичари, па и бугарското општество, се прекршуваат околу одлуката за повлекување на ветото за македонските евроинтеграции.“
„Можните недоумици за скриената провокација од политички вид на Бугарската православна црква се расчистуваат во последната забелешка на соопштението за ‘прифаќање’, каде што е наведено дека ‘прашањето за името на Православната црква на Северна Македонија треба да биде дополнително разгледано’.
„Размислувањето за именувањето’ на МПЦ-ОА е своевидна поддршка на Бугарската православна црква на политичките сили во бугарското општество, кои не сакаат да дозволат помисла за постоење посебен македонски национален идентитет и не се откажуваат од идејата да ја злоупотребуваат Европската Унија за своите асимилаторски стремежи кон Македонија. Целосно игнорирајќи ги основачките принципи на ЕУ, заслепени само од сопствените експанзионистички историски заблуди, и понатаму сите општествени чинители во Бугарија дејствуваат координирано во негирањето на македонскиот национален идентитет и правење опструкции тој да не биде легитимиран во Европската Унија.“
„Сепак, одговорноста за опстојувањето на македонскиот национален идентитет во демократска и културна Европа е на Европската Унија. Никаква ‘креативна фразеологија’ нема да ја оправда ЕУ за прекршување на универзалните и сопствените основачки вредности за слобода на изразување, самоопределување и себеименување ако потклекне пред бугарското изобличување на европските принципи. Прекројувањето на македонскиот идентитет за задоволување на бугарските апетити ќе ја деформира и самата кројка на Европската Унија, чиј модел требаше да се базира на соработка, уважување, признавање, демократија, почитување на меѓународното право, а не врз ова што го прават некои нејзини членки, па и самиот Брисел.“
Home Македонија Павловска: „Францускиот’ предлог е „бугарски прекрој’ на македонскиот идентитет, спротивно на ЕУ-принципите...





