„Инфантилна, а во извесна смисла и пародична е состојбата на македонските евроинтеграции од перспектива на ЕУ-соседите, кои ги претворија во желботека за нивни неисполнети национални соништа и аспирации. Асиметричноста на договорите и спогодбите за т.н. ‘соседство и пријателство’ со Грција и Бугарија со Македонија остава простор овие билатерални документи да бидат наметнати како список на национални, шовинистички и хегемонистички желби (на соседите) за (ре)креирање амбиент и услови за исчезнување на македонскиот национален супстрат.“ – вели Јасминка Павловска во својата статија со наслов „ Софиска пародија на Европската Унија“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Павловска пишува: „Од списокот на желби на Бугарија за Македонија, кој во разни формати го упатува до ЕУ и го користи како аргумент за блокирање на почетокот на македонските преговори за членство во ЕУ, бугарската страна во последно време најмногу го форсира моментот на додавање на Бугарите во македонскиот устав. Навидум согласувајќи се да има уставно препознато малцинство во државата, чиј мнозински народ не го признаваат, бугарските политичари вршат притисок тоа да се спроведе ‘брзопотезно’ во Македонија.“
„Дискриминаторскиот третман на македонските Бугари трае со децении и тоа треба да престане. Тие мора да бидат третирани еднакво со сите други групи луѓе споменати во нивниот устав. Се работи за принципи, а не за преговори. На РС Македонија ѝ требаа шест месеци да го спроведе договорот од Преспа со Грција, па дури и го смени името на својата земја. Зошто е толку тешко да се додаде еден единствен збор ‘Бугари’ во Уставот? – изјави бугарскиот претседател Румен Радев.“
„Девалвирање на нашата внатрешна политика е Уставот да се отвора по барање на надворешни фактори“
„Македонската историчарка Наташа Котлар е категорична дека македонските политичари не смеат да размислуваат за еднострано воведување на Бугарите во македонскиот устав, како „најмалку болен компромис“, без почитување на принципот на заемност и еднаквост во меѓународните односи.“
„Девалвирање на нашата внатрешна политика е Уставот да се отвора според барање на надворешни фактори. Ваквите предлози за отворање и додатоци во македонскиот устав произлегуваат од усвојувањето и спроведувањето на Преспанската спогодба, што оди во прилог на заклучокот дека грчката и бугарската надворешна политика се синхронизирани. Ако се предлага отворање на македонскиот устав, тоа треба да го подразбира и принципот на заемност. Во оваа форма само се одзема суверенитетот на македонскиот народ во Македонија, како и територијалниот интегритет на државата. Еднонасочното додавање на Бугарите во македонскиот устав, без именување на Македонците (како малцинство) во бугарскиот устав (со изговор дека Бугарија, како и Франција, не предвидувала малцинства во Уставот), значи само одземање на суверенитетот на македонскиот народ и загрозување на територијалниот интегритет на државата Македонија’ – вели Наташа Котлар.“
„„Македонците од Бугарија му реплицираат на Радев“
„Партијата на Македонците во Бугарија ОМО Илинден Пирин реагираше на дрскоста и лицемерството на бугарскиот претседател Румен Радев да бара отворање на Уставот на Македонија за воведување на Бугарите како малцинство, а притоа да одбива споменување на какво било малцинство во својот устав: ‘Зарем не е срамота да се постави вакво прашање од лидер на држава што во својот устав не вклучува ниту едно малцинство, ниту зборот малцинство, во која формално се оспорува постоењето на малцинствата и чиј образовен систем не зема предвид сметка за придонесот на малцинствата? Радев: зошто ви е толку тешко да го признаете македонското малцинство?“
„Од ОМО Илинден Пирин го прашуваат Радев и дали мисли дека со отворено негирање на постоењето на македонското малцинство и со примена на систематска дискриминација против него, го поддржува неговото барање Бугарите во Македонија да добијат привилегија да бидат вклучени во македонскиот устав. Дали воопшто мисли дека им помага на Бугарите во Македонија со тоа што отворено води непријателска политика против Македонија и македонската нација?“ – истакнува Павловска во својата статија.
Интернет – врска до целата статија:





