Павловска-Данева до членовите на комисијата со Бугарија: Се срамам од вас, револтира полтронскиот молк

Професорката Ана Павловска Данева од Правниот факултет во Скопје се срами и е револтирана од полтронскиот молк на членовите на македонската комисија кои заедно со бугарските колеги бараат решение за историските и образовните прашања со источниот сосед.



,,Бугарскиот историчар Димитров за нивните национални медиуми изјавува дека во време на “комунистичката власт во Македонија немало историска наука”, дека подигањето на ветото од Бугарија за почеток на преговори била само наша пуста желба и најважно од се, го оспорува континуитетот на Македонската православна црква.

Еден, ама еден коментар на овие теми да чуевме од вас, македонските членови во мешовитата историска комисија?

Барем една изјава со која ќе го заштитите, прво, сопственото достоинство како научници (белким сте учеле од учебници и предавања на професори кои твореле и во претходното општествено уредување за кое Димитров вели сме немале историска наука) и второ, нашето колективно, национално достоинство така што ќе гукнете и ќе го одбраните и континуитетот на историската научна мисла во Македонија, но и континуитетот на нашата МПЦ!

Мене некако ми е срам од вас, а и ме револтира вашиов полтронски молк повеќе отколку националистичките изјави на бугарските историчари за нивните медиуми.

Доколку Владата писмено ви гарантира дека ќе продолжите да ги земате вашите месечни паушали се до конечно завршување на спорот (што и да значи тоа), дали тогаш може да не удостоите со по некоја јавна изјава во насока на зачувување на нашата национална историја и национален идентитет?”, ги прашува професорката членовите на комисијата.

Од македонска страна во мешовитата комисија се вклучени пет историчари. Претседател/координатор е академик д-р Драги Ѓорѓиев, член на МАНУ и професор на Институтот за национална историја (ИНИ) на УКИМ, а членува и професорот од ИНИ – Петар Тодоров. Членови на Комисијата се и професорката Љубица Спасовска, научен соработник на Универзитетот во Ексетер, Велика Британија и Љупчо Ристески – антрополог, професор на Институтот за етнологија и антропологија на УКИМ.

Ванчо Ѓорѓиев, Дарко Стојанов, како и историчарот Александар Литовски од Националната установа Завод и музеј – Битола предходно од различни причини сами заминаа затоа што не се согласуваат со методологијата и односот на бугарските колеги или беа сменети од комисијата.