„Едно од решенијата што ги понуди Европската Унија за поддршка на Украина во време кога на нејзина територија се изведуваат воени дејства – е да ѝ понуди европска перспектива со брз прием во ЕУ. Сега Украина има ист кандидатски статус како Македонија за членство во ЕУ, иако нашата земја има поголема збирка на препораки од Европскиот парламент, позитивни извештаи од Европската комисија за спроведени реформи, поголема усогласеност на правниот систем со оној на ЕУ и исполнети Копенхагенски критериуми.“ – вели Јасминка Павловска во својата анализа со наслов „Кој е најбрзиот пат до ЕУ?“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Павловска пишува, покрај другото: „Сакајќи да даде поддршка за воено загрозената Украина, всушност, ЕУ уште еднаш ја покажа својата непринципиелност спрема Македонија, но и другите земји на Западниот Балкан, кои се во различни фази во процесот на пристапување во Унијата, но, секако, со поголем вложен труд и постигнати резултати од Украина. Пред отвореното избувнување на руско-украинскиот конфликт, ЕУ веќе со години манифестира резервираност во однос на проширувањето, и покрај ветената европерспектива на земјите од Западен Балкан.“
„На земјите-кандидати ЕУ им поставува услови, кои се надвор од Копенхашките критериуми. Поради тоа Македонија додаде географска одредница во своето поранешно уставно име, со што остави отворен ризик за оспорување и понатамошно уценување со националниот идентитет, историја, јазик и право за интерес за малцинствата надвор од нејзините граници, на територија на земји-членки на Унијата. Иронично, дури и цинично е што Бугарија, како предводничка на иницијативата за брз прием на Украина во ЕУ, моментно е главниот попречувач на македонската европерспектива, која испорачува уцени за Македонија, целосно спротивни на европските принципи.“
„Досега ЕУ, и покрај трите ефектуирани вета на Бугарија, насочуваше на билатерално решавање на спорот, иако бугарските уцени ги имаат сите елементи на национално-политичка агресија врз Македонија. Ако сака да демонстрира вистински вредности и фер однос, Брисел треба уште веднаш да ја отвори вратата и за Македонија. Тоа е веројатно единствената исправна одлука во моментов, која ќе прати јасен и силен сигнал за силината и единството на Унијата пред какви било идни предизвици.“
„Зарем и на Балканот треба да се случи војна за конечно да му текне на Брисел да ја отвори портата и за Македонија и за другите што ги исполнуваат условите за влез во Унијата? Со секое понатамошно одложување и премижување пред бугарските опструкции кон Македонија, ЕУ си пука самата себеси во колено, ги урива и ги поткопува своите вредности. Затоа, сега веќе не е време за дволичност и лицемерство.“
„Ако сака да демонстрира вистински вредности и фер однос, Брисел треба уште веднаш да ја отвори портата и за Македонија. Тоа е веројатно единствената исправна одлука во моментов, која ќе прати јасен и силен сигнал за силината и единството на Унијата пред какви било идни предизвици.“ – заклучува Јасминка Павловска во својата анализа.
Интернет-врска до целата анализа:
https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/nas-stav/koj-e-najbrziot-pat-do-eu/





