„Користејќи го мигот на актуелниот руско-украински конфликт со геополитички размери, Ангел Димитров, претседателот на бугарскиот дел од македонско-бугарската комисија, со извежбана умешност во замена на тези, подметнувања, инсинуации и прикривање на сопствените гревови, упати ‘предупредување’ до ЕУ и САД дека, ако Македонија и Србија бидат примени во Унијата, ќе претставуваат ‘тројански коњи на Русија’.“ – вели Јасминка Павловска во својата анализа со наслов „Тројанскиот коњ во ЕУ“, што ја објави весникот „Нова Македонија“.
Павловска пишува: „Пораката е упатена до САД и ЕУ да го пренасочат својот притисок во македонско-бугарските преговори за националноисториските уцени, што како европски услови ги испорачува Бугарија кон Скопје, претставувајќи ја официјална Софија како жртва на ‘критики.“
„И понатаму се покажува дека нема значителни поместувања во бугарската стратегија на уцени за македонските евроинтеграции, базирана на селективна меморија за сопственото минато, и покрај настојувањата да се прикаже некаков позитивен исчекор со формирањето уште пет-шест работни групи (комисии) за билатерална соработка меѓу Македонија и Бугарија.“
„Во стандардното подметнување од Софија на ‘теоријата’ за Македонија (а сега веќе и за Србија) како ‘коминтерновска творба’, бугарските ‘научни теоретичари’, сепак, не можат да ги избришат фактите и перцепцијата за долгата традиција на Бугарија како ‘тројански коњ“ на тоталитаристичките (гео)политики низ историјата.“
Лицемерно манипулирајќи со европските вредности и историските факти, особено кога искажуваат „искрени и роднински желби“ за прием на Македонија во ЕУ (но само ако прифати дека заедничката историја е бугарска), Бугарија всушност настојува да реши „две муви со еден удар“ – да ги реализира санстефанските амбиции за голема Бугарија (со асимилација на Македонија и Македонците) и да ги испере до непостоење големите грешки во ‘костим на тројански коњ’ од својата реална историја.“
„Најголемата опасност на европскиот пат за Македонија е тоа што е оставена од ЕУ и меѓународната заедница да учи од најлошите ученици, како на пример Бугарија, за европски вредности во Унијата.“ – заклучува Павловска во својата анализа.
Интернет-врска до целата анализа:
https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/nas-stav/trojanskiot-konj-vo-eu/





