Павловска: „Бугарија инсценира внатрешна криза, за да го блокира евроинтегрирањето на РМ, но Австрија нуди нонпејпер против тоа“

„Предвидливоста за уште една бугарска блокада за почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ на претстојниот самит на Унијата е толку голема, што високи политички претставници од земјите-членки однапред веќе отворено ја нарекуваат – ‘неподносливо вето’.“ – вели Јасминка Павловска во својата анализа со наслов „Нов пресинг во евроинтеграцискиот ринг“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

„Во пресрет на претстојниот самит на ЕУ Виена со нонпејпер заради исчекор на регионов кон ЕУ“

Павловска пишува: „Тригодишното поигрување на Бугарија со европската иднина на Македонија, па и со целиот регион Западен Балкан, како и поигрувањата на ЕУ со своите критериуми за прием, прави да е сосема извесно дека ќе продолжи блокадата за нас и на претстојниот самит на ЕУ, на 23 и 24 јуни, со кој завршува француското претседателство.“

„По сите провокации што ги подметнуваа бугарските политичари во изминатиов период, за да ја претстават Македонија пред ЕУ како ‘неисполнителна на европските критериуми’, сега Софија посегнува по друг ‘адут’ за да го закочи процесот на интегрирање на Македонија во ЕУ. Бугарија сега инсценира внатрешна политичка криза, поради што бара од Унијата ‘мала пауза’, додека не ја решат владината криза, односно за тоа време ’да не бидат под притисок од Брисел во врска со ветото за Македонија’.“

„Министерот за надворешни работи на Австрија, при вчерашниот престој во регионот (во Белград), јасно се заложи за брза интеграција на регионот во Унијата. Во однос на поддршката на Западен Балкан во ЕУ, претседателот на австрискиот парламент Волфганг Соботка го понуди и нонпејперот на својата земја како начин за спречување на блокадите на патот на кандидатите за членство во Европската Унија, посочувајќи го притоа ‘неподносливото’ бугарско вето за Македонија.“

„Според Соботка, ветото му штети на угледот на Европската Унија во регионот. Тој проценува дека блокадата не би била можна со нонпејперот, кој предвидува уште пред исполнувањето на условите (на пример во областа на владеењето на правото) да се спроведе официјално и правно-економска интеграција на земјата-кандидат. Австрискиот парламентарен спикер го критикува и сегашниот пристапен процес со 35 поглавја, за кој вели дека ‘бесконечно долго се преговара без да им се покаже на граѓаните перспективата’.“

„Австрискиот политичар нагласува дека, според нивниот нонпејпер, економската интеграција не ја исклучува политичката, туку само би ѝ претходела како охрабрување и за земјата-кандидат и за членките на ЕУ да не ѝ поставуваат сопки, туку да ѝ помогнат побрзо да им се придружи.“

Интернет-врска до целата анализа:



https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/nov-presing-vo-evrointegraciskiot-ring/