Павлов за канонизирањето на Пејчиновиќ: Богохулење, кршење на Протоколот и присвојување историја без преседан!

Бугарскиот професор Пламен Павлов од Факултетот по историја на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Велико Трново со „дрвја и камења“ го нападна прогласувањето за светец на Кирил Пејчиновиќ од Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА).



Богохулење, апсолутно кршење на билатералниот протокол меѓу Бугарија и Македонија и присвојување историја без преседан е квалификацијата на Павлов за денешниот свечен религиозен чин во Лешочкиот манастир.

„Македонската православна црква долго време размислува за канонизација на Пејчиновиќ. Тоа не е невообичаено. РСМ на ист начин ги третира Гоце Делчев, Даме Груев, Цар Самоил и цела плејада наши заеднички национални херои. Во случајот со Кирил Пејчиновиќ, а и со Јоаким Крчовски – бидејќи се подготвуваат и него да го канонизираат – со овие наши рани преродбеници се случува токму истото непочитување на историјата, склоно кон чиста безочност. Овие луѓе имаат бугарска самосвест – Кирил Пејчинович вели дека ‘пишува на својот мил и наједноставен бугарски јазик’, секаде се изјаснува како Бугарин и би било смешно да се тврди нешто друго“, го цитира Павлов бугарската агенција БГНЕС.

„Станува збор за нешто што е крајно непријатно: тоа е кражба на историјата, тоа е богохулен однос кон самите личности кои се предмет на канонизација. Вината на нашата Црква е огромна. БПЦ е повикувана од мене и од други луѓе да ги канонизира таквите личности. За жал, браќата Миладинови исто така ќе бидат прогласени за светци од Македонската црква – се надевам дека сум лош пророк, но нема да се изненадам ако и двајцата браќа маченици бидат прогласени за светци во Северна Македонија. Очигледно, нема никакви пречки во овој богохулен, безобразен однос кон нашата историја“, коментира професорот.

„Ова е чин за осуда! Кога станува збор за христијанските вредности, нели христијанството точно вели: ‘Не кради’ и ‘Не лажи’. Тоа се основни Божји заповеди. На времето во нивните учебници за духовно образование го тргнаа зборот ‘бугарски’ и го заменија со ‘македонски’. Треба да се стави крај на овој безобразен однос кон тие луѓе. Се прашувам како би се чувствувал Кирил Пејчинович кога некој би му рекол дека не е Бугарин, туку дури и дека е антибугарин“, прашуа историчарот.

„Ова е и кршење на Договорот за добрососедство и пријателство – без оглед на сите лицемерни уверувања од Скопје – како и на нивните обврски и профатени ангажмани кон ЕУ. Гледаме како оваа антибугарска реторика по падот на ветото на Бугарија врз РСМ наместо да слабее, почнува да се засилува“, заклучува Павлов.