Најавите на некои лидери на партии од албанската етничка заедница пред референдумот за Преспанскиот договор, дека сто посто од албанците наспроти македонците, се за НАТО и ЕУ и тогаш и сега се само непромислена маркетиншка манипулација, што се покажа како неточна и според излезноста на гласањето, смета Демократскиот сојуз на Павле Трајанов.
Оваа партија која е дел од владата на Заев се сомнева дека Села и Касами навистина сакаат во НАТО и ЕУ.
“За влез во НАТО и ЕУ, постои граѓански и политички консензус, но екстремните националистички барања на Беса и Алијансата на Албанците, за промени во Уставот на Република Македонија, кои немаат врска со имплементацијата на Преспанскиот договор, отворат сомнеж во нивната проевропска и пронато определба и се најава за блокада на овие процеси.
Владата на Република Македонија и парламентарното мнозинство направија многу компромиси и отстапки на штета на државните интереси. Понатамошни отстапки можат да го срушат целиот процес и да навлеземе во внатрешни меѓуетнички недоразбирања со несогледливи последици.
Уцените и условувањата треба да престанат и да се гледаат и поддржат надпартиски и наднационални идеи за просперитет на Република Македонија, а тоа се членството во НАТО и ЕУ”, се вели во реакцијата на Демократскиот сојуз од каде повикуваат на разумно и одговорно однесување од сите партии, а за отворените прашања ќе има време да се дебатираат и разрешуваат.





