Македонската заедница во Шведска денеска има можност да гласа за прв Македонец во шведскиот парламент – Патрик Аџиевски од Трелеборг, кандидат на конзервативната партија Модерати.
„Ако бидам избран како пратеник во Шведскиот парламент меѓу другото ќе се борам за да се почитуваат човековите права на македонските малцинства на Балканскиот Полуостров, ќе се борам за признание на Македонците во Грција и во Бугарија! Исто така, ќе направам сè што можам за Шведска да изврши притисок врз режимот во Македонија во однос на политичките затвореници познати како уставобранители. Во случајот на уставобранителите нема друга опција освен СЛОБОДА! Ќе се борам за Шведска да го направи првиот чекор против оваа неправда!
Во овие тешки времиња за Македонија и за македонскиот народ потребни се повеќе политичари и пратеници низ светот со македонско потекло што можат да направат разлика! Истовремено ние Македонците во Шведска нема да заборавиме дека нашите баби и дедовци дошле во Шведска со добри намери и ја граделе оваа држава од првиот ден, секогаш го почитувале законот и биле лојални кон државата! За жал, Шведска денес оди во погрешен правец со актуелната социјалдемократска влада, таа Шведска што ја познававме исчезнува. Време е за промени!“, порачува Аџиевски во својот повик до сонародниците за поддршка на денешните праламентарни избори во Шведска.
Во досегашниот состав на шведскиот парламент партијата на Аџиевски имаше 70 пратеници од вкупно 349.





