Папата Франциско кој вчера пристигна во Атина и се сретна со архиепископот на Атина и цела Грција, Јероним, беше цел на вербален напад.



Во моментот кога Папата влезе во резиденцијата на поглаварот на Грчката православна црква, православен свештеник три пати на грчки му довикнал:

„Папа, ти си еретик“!

Свештеникот кој веднаш бил одведен од полицијата.

Асошиетед прес оценува дека инцидентот е доказ за континуираната недоверба меѓу некои православни и католици.

Христијанството беше поделено на католицизам и православие во 1054 година преку чинот познат како Големиот раскол и со векови врската меѓу црквите беше тешка.

Во своето обраќање до надбискупот, Јероним, Папата Франциско побара прошка во името на Римокатоличката црква за нејзиниот дел во историските грешки.

„Трагично, во подоцнежните времиња се разделивме. Светските грижи нè отруја, плевелот на сомнежот ја зголеми нашата оддалеченост и престанавме да негуваме заедништво“, му рекол Френциско на Јероним, пренесе Ројтерс.

„Чувствувам потреба повторно да побарам прошка од Бога и од нашите браќа и сестри за грешките направени од многу католици“, рекол Франциско.

Во обид да го премости јазот во 2001 година, Јован Павле Втори стана првиот папа што некогаш ја посетил Грција. Неговиот повик за прошка за историските грешки направени од католиците против православните помогна да се одмрзнат односите.