Во објект на Клиничката болница во Тетово, завчера се случила тепачка меѓу две лица вработени во оваа здравствена установа кои се членови на две политички партии ДУИ и Беса.
Во инцидентот учествувале економскиот директор на Клиничката болница Артан Етеми и лицето Н. С. Инаку шеф на возниот парк во болницата. Инцидентот, и двајцата го пријавиле во тетовската полиција.
„На 3 февруари во 12:45 часот, лицето А.Е. (41) од Тетово пријавило дека околу 11 часот во Клиничката болница во Тетово, каде е вработен, бил физички нападнат од лицето Н. С. (50) од тетовско Селце, кој исто така е вработен во болницата. Малку подоцна, пријавениот Н. С. исто така пријавил дека бил физички нападнат од лицето кое претходно пријавило, А. Е., и неколку други лица кои биле вработени во болницата и истите му помогнале на лицето А. Е.“, се вели во соопштението издадено од СВР Тетово.
Иако настанот го пријавил како тепачка, економскиот директор на Клиничка болница во Тетово Артан Етеми во објавата на својот фејсбук статус вели дека не бил физички нападнат туку дека се работело само за вербална расправија.
„Во врска со синоќешните вести дека сум физички нападнат сакам да соопштам дека немаше физичка конфронтација туку само вербална и за тоа детално е информирано СВР Тетово. Меѓутоа, сакам да информирам дека јас и Движење Беса нема да дозволиме невкусни дејствија како што се со децении навикнати да функционираат. Моето начело и на Движење Беса е да им служиме на граѓаните и да работиме во нивен интерес, а не во интерес на нечии шерифи. Затоа, таквите обиди да ме заплашат и да ме запрат, нема да поминат кај мене“, посочи Артан Етеми кој како кадар на Движење Беса пред неколку месеци беше именуван за економски директор на Клиничката болница во Тетово.
Порталот Сдк.мк од неофицијални болнички извори и од очевидци на настанот дознава дека инцидентот се случил по скалите од зградата кога првин дошло до вербална расправија помеѓу Етеми и шефот на возниот парк Нагип. С. кој бил со уште две до три лица.
“Во силното викање и турканицата која настанала меѓу нив, според очевидците бил разменет и по некој удар. Целиот инцидент се одвивал и пред очите на пет-шест студенти кои тука се нашле во тој момент и кои, исплашени од тепачката, во паника побегнале.
Иако засега не се соопштуваат мотивите за тепачката, дознаваме дека причината за тепачката била правото на користење на службеното возило. Етеми, како именуван економски директор на Клиничка болница барал, за потребите на својата служба, да користи службено возило но, раководителот на возниот парк Нагип С. кој е кадар на ДУИ, не му давал возило бидејќи тоа веќе го користел шефот на сметководството и економист во Клиничка болница, кој исто така е кадар на ДУИ. Тоа било причината да дојде до инцидентот”, пишува Сдк за случајот.
Извор сдк.мк





