Во пресрет на први септември, денот кога почнува учебната година, и носењето одлука за начинот на кој ќе се одвива образовниот процес во услови на пандемија на коронавирусот, НСДП предлага Комисијата за заразни болести и Владата да ја разгледаат и можноста оваа учебна година во целост да не започне, односно учениците да останат дома цела година.
Физичкото присуство на учениците во училиштата, макар тоа да биде и во ограничена форма преку одење на училиште на одредени одделенија, комбинирано со спроведување онлајн настава, цениме дека може да биде сериозен катализатор на сè поизвесниот нов есенски бран на коронавирусот. Искуството од Израел, земја која во втората половина на мај, по стабилизирањето на епидемиолошката ситуација со двоцифрени дневни бројки на новозаразени, одлучи да ги отвори училиштата, покажа дека оваа одлука доведе до нов и пожесток бран на зараза, достигнувајќи и над 2.000 новозаразени на ден кон крајот на јули. Ова искуство зборува за сериозните последици врз вкупната епидимиолошка ситуација која може да го има секоја форма на враќање на учениците во училиштата, дури и тоа да се спроведува по строго дефинирани протоколи и правила, соопшти од партијата која е коалиционен партнер на СДСМ.





