По пребројувањето на речиси сите гласови, реформското движење Самоопределување на поранешниот активист за човекови права Албин Курти е победник на изборите со освоени 48 % од гласовите, пренесе Дојче веле.
Владејачката Демократска партија на Косово, ПДК, произлезена од УЧК, добила 17 % гласови, соопшти Централната изборна комисија, додека Демократската лига на Косово, ЛДК, која владееше досега, стигнала до 13 отсто.
ПДК и ЛДК го признаа поразот, досегашниот премиер Авдула Хоти од ЛДК најави дека ќе бидат конструктивна опозиција во парламентот.
Во предизборната кампања, Курти на граѓаните им вети ставање крај на непотизмот и корупцијата.
„Наши приоритети се праведност и работни места, патот пред нас е долг, и ние ќе правиме грешки, но нашите цели се достоинствени“, истакна тој.
Пред една година, Албин Курти стана премиер, но ја извршуваше премиерската функција само до јуни кога мораше да замине откако тогашниот партнер, ЛДК ја напушти коалицијата и се поврза со други партии.





