Ултранационалистичката Преродба (на бугарски „Възраждане“), која се залага за припојување на Македонија кон Бугарија, од седма прерасна во четврта политичка сила со удвоена доверба кај бугарските гласачи, покажува истражувањето на јавното мислење на агенцијата „Алфа рисрч“.
Според анкетата спроведена од 8 до 14 април на 1.037 испитаници, за Преродба се изјасниле 10,8 проценти од анкетираните, што е повеќе од двојно од 4,9 отсто, колку што опозициската партија доби на ланските парламентарни избори, кога освои 13 од 240 места во Народното собрание.
Со ваквата доверба кај гласачкото тело, споредено со резултатите од изборите, Преродба го прескокна Движењето за права и слободи (ДПС), кое падна од 13 на 8,7 проценти, како и владејачките Има таков народ (ИТН), кој падна од 9,5 на 5,1 отсто, и Демократска Бугарија (ДБ), која има раст од 6,4 на 7,7 отсто.
„Вистината е само една – Бугарија и Македонија се една целина. И ние ќе се погрижиме за нашето обединување“, стои во програмата на Преродба.
„Клучно е прашањето за односите со Македонија. Македонија е втората бугарска држава на Балканскиот полуостров и Преродба работи за обединувањето на двете бугарски државни формации во една заедничка држава. Патот кон тоа обединување е сè поцелосна економска, културна и политичка интеграција, што ќе доведе до обновување на распарченото единство на бугарската нација и ќе ја направи Бугарија најголема и најсилна држава во Југоисточна Европа“, се додава во програмските цели на партијата на Костадин Костадинов.
Најголемата опозициска партија ГЕРБ на експремиерот Бојко Борисов, во коалиција со СДС, сега е најпопуларна во земјата со 24,8 проценти доверба, наспроти 22,7 отсто на изборите, пред владејачката Продолжуваме со промените на премиерот Кирил Петков, која од 25,7 падна на 21,1 отсто. Пред Преродба е и Бугарската социјалистичка партија (БСП) со 11,7 проценти доверба во однос на 10,2 отсто на изборите.





