Освен за европската иднина на Македонија, на лидерската средба што ја иницира премиерот Димитар Ковачевски идната недела мора да се разговара и за предвремените парламентарни избори, вели пратеникот од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.
„Во ред е да бидат отворени картите и да се разговара за уставните измени и за европската иднина на државата, но предност мора да има прашањето за спроведување предвремени парламентарни избори.
Ние не можеме да правиме тематски лидерски средби, па затоа темата на оваа средба нека биде: „Како да дојдеме до предвремени парламентани избори“. Па ако остане време, ќе разговараме и за другите споредни работи“, вели Стојановски за „Плусинфо“.
Лидерот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, во разговор за Плусинфо предлага 4 точки коишто мора да бидат ставени на дневен ред на лидерската средба, меѓу кои и – предвремени избори.
Сличен став дели и пратеникот на ГРОМ, Љупчо Пренџов, кој смета дека најдоброто решение е да се спроведат предвремени парламентарни избори.
„Веќе шест години СДСМ е на власт и веќе шест години ние разговараме за европската иднина на Македонија. На оваа држава мора да ѝ тргне, но гледаме дека со СДСМ на власт не може да ѝ тргне. Единственото нешто за коешто можеме да седнеме и да разговараме е кога да организираме предвремени парламентарни избори и да ги прашаме граѓаните на Македонија што мислат за тоа како власта ја води државата кон европската иднина. Тоа е највисок чин на демократија, каде што граѓаните ќе кажат дали во овие изминати шест години имаме европска иднина и европски стандарди“, вели Пренџов.






