Македонија ја заврши 2022 година со 7,7 милијарди евра јавен долг, што е 57,1 процент од бруто-домашниот производ. Тоа е историски најголем долг, но задолжувањето што се планира годинава, согласно со Буџетот за 2023 година, е над 1,6 милијарди евра, пишува порталот „Пари“ .
Со целиот овој износ нема да се зголеми јавниот долг, затоа што еден дел ќе се искористи за отплата на старите долгови.
Но, секако, задолжувањето е поголемо од самиот износ на отплата, особено што оваа година се предвидени и големи буџетски издатоци за енергетската криза, покажува анализата на буџетските податоци.
За отплата на стари долгови (домашни и странски) се планирани 847,4 милиони евра, а планираниот буџетски дефицит, како разлика меѓу приходите и расходите, е 695,3 милиони евра и тој мора да се финансира со задолжување. Владата планира од позајмиците да остави износ од 91,5 милиони евра на својата депозитна сметка во Народната банка.
Овие податоци зборуваат дека со новата еврообврзницата од 600 милиони евра не сме ја завршиле работата за годинава.
И во самиот Буџет за 2023 година е наведено дека се планира од странски извори да се позајми нешто над 1 милијарда евра, а од домашни извори планот е позајмица од 546,7 милиони евра.
И со домашната позајмица ќе се отплатуваат веќе достасани обврски, од кои најголем дел државни хартии од вредност.







