Папата Франциско во недела доаѓа во Канада на, како што го нарече, „покајнички аџилак“ за да им се извини на домородците за злоупотребата на нивните деца во поранешните интернати управувани од Католичката црква.



Помеѓу 1881 и 1996 година, повеќе од 150.000 домородни деца биле одвоени од нивните семејства и испратени во интернати. Многу деца беа изгладнети, тепани и сексуално злоупотребувани во систем кој канадската комисија за вистина и помирување го нарече „културен геноцид“.

Иако канадските лидери знаеја за големиот број деца кои умреле во училиштата од 1907 година, проблемот дојде до израз по минатогодишното откривање на наводни необележани гробници во близина на поранешните интернати.

Како одговор на притисокот по откритијата, папата Франциско се извини за улогата на Католичката црква во училиштата претходно оваа година за време на посетата на домородните претставници на Ватикан.

Сега доаѓа да се извини на канадско тло. Но, преживеаните од насилството и домородните водачи изјавија за Ројтерс дека сакаат повеќе од извинување.

Многумина повикаа на парична компензација, враќање на домородните артефакти, објавување училишни записи, поддршка за екстрадиција на обвинетите злоставувачи и укинување на доктрината од 15 век што го оправдува колонијалното одземање на имоти од домородните народи.