„Се чекаат уставните измени, кои, според Европската комисија, нелогично се одолговлекуваат и се блокираат во ситуација кога е кажано дека без тој чекор Македонија нема што да бара во ЕУ. Земи или остави. А каде ќе кршиш глава понатаму – твоја работа. Навистина, каде ќе кршиме глава кога (ако) ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт?! Не знаеме, не ни кажуваат, за да ги добијат полесно изборите.“ – многу „загајлено“ вели Ана Пановска, поранешната одговорна уредничка на Информативната програма на Македонската телевизија, во својата колумна со наслов „Одговорност, ако пропаднат уставните измени!“, која ја објави „Фокус“.
ВМРО блокира
Покрај другото, Пановска натаму пишува: Почеток на суштинските преговори може да има и треба да има во предвидениот рок со донесувањето на уставните промени. Времето изминува и Владата мора веќе да настапи пред Собранието. Имаше доволно време за убедување, молешници, можеби поткуп и закани до опозицијата, но сега мора да се исправи со предлог-измените пред пратениците.
Идејата на претседателот Џафери дека ќе свика седница кога ќе има стокмено мнозинство во Собранието е чиста политичка малодушност. Мнозинството, колкаво и да е, треба да гласа за уставните промени. Ако пропадне предлогот, а со тоа и продолжувањето на преговорите со Унијата, има секој да си ја понесе својата одговорност.
Најтешката одговорност ќе ја има опозицијата, а Владата во тој случај треба елегантно да си замине од власт. Нека се одмори, помина тешки премрежија.





