„Македонија одамна е нападната од една болештина што создава тешка зависност, не толку опасна, но со долготрајно дејство и со последици по менталното здравје на нацијата. Лекот за оваа болест е еден единствен – власт. А народот е навистина непредвидлива билка. Тој си има некои свои ‘вијуги’ во структурата.“ – вели поранешната уредничка на Информативната програма на Македонската телевизија во својата колумна со наслов „Одговорноста е кај народот – пишман нема“, која ја објави информативниот портал „Фокус“.
Занимавајќи се со „менталното здравје на нацијата“, Пановска ја нарекува „непредвидлива билка со некои свои вијуги во структурата на умот“ и ѝ „советува“ дека „треба да си ја понесе одговорноста“. Недолично иронизирајќи во врска со „Гоце Делчев е наш“ и „кога некому ќе му се појде по нужда“, таа искажува фалба за СДСМ и критики кон ВМРО ДПМНЕ и натаму пишува: Сите сакаат да бидат власт. Добро, ама сите не можат во исто време и на исто место да бидат власт. Што е право, СДСМ подобро се справува во ситуациите кога не е на власт, но ВМРО-ДПМНЕ тоа ептен тешко го поднесува – просто паѓа болно ако не е на власт. Веќе од 2008 година почна серијата на предвремени избори по волја на ВМРО-ДПМНЕ. Но, како е тргната оваа „предизборнава“ игранка, уште отсега се гледа дека ќе се игра доста валкано!
Непредвидлива билка
Криминали, корупција, убиства… сѐ ќе се стави во игра: изгорената модуларна болница, потонатиот брод со бугарските туристи, автобуските несреќи, Тамара, Вања и болните на онкологија, па полицајците во Диво Насеље, па хашките случаи… и како црвено винце капнато врз погачата: „Гоце е наш“! Добро, наш е, ама не мешајте му ги коските секогаш кога некому ќе му се приоди по нужда.
А, народот е навистина непредвидлива билка. Тој си има некои свои „вијуги“ во структурата. Само време е граѓаните конечно да размислат и да ја прифатат и својата сериозна одговорност за состојбите во државата кои со нивниот избор ќе бидат такви како што тие посакале. Пишман нема. Има да си траат и ако треба да си трпат до следните избори. Доста нѝ е од предвремени!





