Професорот Митко Б. Панов во интервју за Трилинг дава една поинаква перспектива на настаните од Битола каде Бугарија славеше соработник на нацизмот и фашизмот.
Според професорот од ИНИ со ванчомихајловизмот Бугарија го лечи комплексот на соработка со Хитлер а Македонија не смее да молчи за скандалот.

„Како жртва на фашизмот, на илјадниците паднати македонски борци, на 7.144 депортирани македонски Евреи во време на бугарската окупација, Република Македонија не само што не смее да молчи, туку мора да го крене гласот. Како земја кандидат за членство на Европската Унија, Македонија мора да биде коректив на политиките со кои се воскреснуваат личностите кои ги споделувале фашистичките идеи…“, смета Панов.
Историчарот во интервју за порталот Трилинг предупредува:
…„дебата за Ванчо Михајлов е испровоцирана, меѓу другото и за да се дефокусира јавноста од комисиските договарања за цар Самуил, Охридската архиепископија и средновековието, што за Бугарија претставува фундамент на концептот на „заедничката историја“. Секако тоа е тест за капацитетoт на актуелното македонско државното раководство за заштита на националните интереси и на историската посебност на македонскиот народ и македонската нација. Особено што Ванчо Михајлов е само незначаен сегмент од политичките цели кои треба да се реализираат преку „заедничката историја“.
ТРИЛИНГ: МАКЕДОНСКАТА ЈАВНОСТ СЕ ВОЗБУДИ ОД КЛУПСКАТА ЖУРКА НА БУГАРСКОТО ВОДСТВО ВО БИТОЛА. ВОСОЧНАТА ФИГУРА НА ВАНЧО МИХАЈЛОВ СО ГОДИНИ Е ИЗЛОЖЕНА ВО МУЗЕЈОТ НА МАКЕДОНСКАТА РЕВОЛУЦИОНЕРНА БОРБА ВО СКОПЈЕ И ВО ШТИПСКО И НИКОГО НЕ БОЛИ ГЛАВА ВО ДРЖАВАТА. ЗОШТО СМЕ СЕНЗИТИВНИ НА БУГАРСКАТА РЕАКЦИЈА?
Проф. Панов: Македонската нација не само што треба, туку мора да демонстрира одговорност и да реагира на секакви постапки кои на било кој начин ги загрозуваат фундаменталните вредности на кои почива современа Европа, а кои се втемелени на борбата против фашизмот во Втората Светска Војна. Спротиставувањето на ваквите тенденции претставува национална должност на сите граѓани на Република Македонија и генерациска обврска произлезена од антифашистичката борба за народно ослободување од фашизмот, која е инкорпорирана во државотворните одлуки на АСНОМ. Исто како што на 2 август 1944 година, Панко Брашнаров, во својот историски говор, кога обзнанува со радост „како се раздвижиле сите реки од Пчиња и Вардар до Места и Бистрица, заплускујат е целата македонска земја, сакајќи да измијат од македонскиот народ десетвековниот ропски срам од пропаста на Самуиловата држава, за да се роди денеска нова, светла и слободна македонска држава“, се повикува на генерацискиот залог од „многубројните народни герои, паднали и посејали коските си по цела Македонија“, на кои „им станује по лека и они во мир веќе го гледат изгревот на нашата слобода, гледат идеалната дружба на старите Илинденци – на Гоце Делчев и денешните Илинденци – младата македонска војска“ која ја извојува слободата на Македонија.
АСНОМ е нашиот устав, нашето начело, нашата иднина”, одговара Панов чие цело интервју можете да го прочитате на овој ЛИНК






