Пандов: „Не верувам во брз прием – може да добиеме само датум за преговори, без изгледи за полноправно членство“

„Безбедносниот предизвик со кој се соочува Европа, поради настаните во Украина, ја промени реториката на главните политички актери во Европската Унија, кога станува збор за продолжување на процесот на проширување со земјите од Западен Балкан. За три недели од руско-украинскиот воен конфликт, од Брисел пристигнуваат различни изјави, во кои откочувањето на процесот на проширување се става во причинска врска со безбедносните состојби во Украина и нивниот поширок одрази, вклучувајќи го и влијанието врз безбедноста на Балканот!“ – вели Митко Јовановски во својата анализа со наслов „Стар сомнеж и нова надеж да се излезе од балканскиот кафез“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.



„Безбедносните проекции во Брисел отвораат ‘брза лента’ за евроинтеграции“

По разочарувањето што го предизвика кај македонската јавност дека може да ни вети само „волја за почеток на преговорите“, од шефот на ЕУ-дипломатијата, Жозеп Борел пристигнаа нови оптимистички најави дека се надева дека Македонија и Албанија „ќе ги почнат преговорите за членство во Унијата до крајот на актуелното француско претседателство“, односно „до јуни годинава“. Притоа тој изрази надеж дека ќе бидат надминати проблемите меѓу Македонија и Бугарија.

„Политичкиот аналитичар Александар Пандов не е преголем оптимист во однос на забрзување на процесот на преговорите за полноправно членство на Македонија во Европската Унија, а поврзувањето на тоа со можната дестабилизација на регионот е само хипотетичко прашање. ‘Најмногу што можеме да добиеме е некаков датум за пристапните преговори, но и тоа нема да значи премногу, бидејќи низ тој процес веќе минуваат Црна Гора, Турција и Србија, а по толку години нема изгледи за нивно полноправно членство.’ ни изјави Пандов.“

„Политичките структури во Бугарија го наметнуваат проблемот со Македонија како безбедносно прашање со намера да го оправдаат блокирањето на процесот за пристапување во Европската Унија. Досега бугарскиот претседател Румен Радев трипати го свика Советот за безбедност, поради преговорите со Македонија, што претставува и обид за политичка манипулација и злоупотреба на прашањето за безбедноста во регионот. Посебно што нашата земја е членка во НАТО, а наши воени партнери се и трите соседни земји.“ – истакнува Јовановски во својата анализа, покрај другото.

Интернет-врска до целата анализа:

https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/stara-skepsa-i-nova-nadezh-da-se-izleze-od-balkanskiot-kafez/