Македонската фудбалска легенда Дарко Панчев смета дека дебитантот Македонија ќе биде аутсајдер на претстојното Европско првенство, но нагласува дека таа не смее да биде вреќа за боксирање и за да го оправда учеството мора да победи барем еден противник.
„Нема да ја откријам Америка ако кажам дека ќе бидеме аутсајдери. Тоа им е јасно на сите. Меѓутоа, се надевам дека можеме да изненадиме барем еден противник. Многу е важно да оставиме добар впечаток и да не бидеме вреќа за боксирање. Тоа што Македонија се квалификува за Европското првенство на Европа не ѝ значи ништо. Ним тоа им е нормално, бидејќи мнозинството од тие големи репрезентации секои две години се натпреваруваат на некој голем турнир. За да ги импресионираме, мораме да победиме барем една од овие три селекции што се во нашата група“, изјави за турската новинска агенција Анадолија некогашната „златна копачка“ на Европа во дресот на Црвена звезда и најмлад голгетер на национално првенство на стариот континент како играч на Вардар.
„Само во случај на добар резултат Европа ќе рече: ‘Браво момци, Македонија навистина заслужува да биде на Европско првенство’. И затоа постојано потенцирам дека многу е важен впечатокот што ова лето ќе го оставиме во Букурешт и во Амстердам. Тоа е добро за играчите, за Федерацијата, а добро е и за претседателот на УЕФА, Александар Чеферин. Бидејќи утре некој ќе му каже: ‘Чекај, бе, Чеферин, што правиш со оваа Лига на нации? Зошто дозволуваш на аутсајдери да играат во завршницата на големите натпреварувања?’ Тоа некпој сигурно ќе му го префрли. Е затоа е од исклучителна важност да не разочараме и на сите да им ставиме на знаење дека Словенецот погоди со овој нов систем на квалификации“, додава некогашниот репрезентативец на СФР Југославија и на Македонија.






