Информативната агенција на албански јазик ИНА објавува „Реакција во врска со Декларацијата предложена од ВМРО ДПМНЕ“ од д-р Антон Панчев, политиколог и албанолог, како и професор на Универзитетот во Софија, Бугарија.
Во текст под наслов „Дали Албанците треба да гласаат за ‘Македонската резолуција?“ , Панчев изразува негови антимакедонски ставови во врска со „црвените линии’ на ДПМНЕ како одраз на ароганција на северомакедонските политичари“, но и вопшто во врска со постоењето на македонскиот народ и за македонскиот јазик.

Панчев пишува: „Црвените линии’ претставени од ДПМНЕ и поддржани од СДСМ одразуваат неисцрпна ароганција на северомакедонските политичари и ги потврдуваат уште еднаш нивните цели да не ги исполнат обврските, кои произлегуваат од Договорот со Бугарија – дека недоразбирањата за периоди, настани или историски фигури треба да се решаваат врз основа на ‘историски извори, засновани врз автентични докази за научен третман на историските настани’ (член 8.2) Непочитувањето на меѓународните договори, особено со членка на ЕУ, има јасни последици за евроинтеграциите на с.Македонија.
Во врска со барањата, кои ги изнесува ВМРО ДПМНЕ во својата Резолуција, овој бугарски научен истражувач вели: „Барањата ‘да се почитуваат сознанијата на македонската наука во врска со автохтоноста на македонскиот народ и за неговиот историски, јазичен и и културен континуитет’ и оти ‘македонскиот јазик и неговите дијалекти имаат просторен и временски континуитет’ се во целосна спротивност со историската вистина. Тоа значи дека воопшто не треба да се почитуваат и другите навистина научни сознанија од цела Европа (вклучувајќи ги тука и научните сознанија на албанските научници).“
Во своето „Реагирање“ објавено преку ИНА Панчев натаму тврди: „Да се почитуваат македонските научни сознанија’ ќе значи дека албанските партии во с.Македонија треба да гласаат и да ги почитуваат и овие ‘постигања’ на ‘македонските научни сознанија’, кои можат да се прочитаат во наставните книги на оваа држава и / или во монографиите на македонските ‘академици’: дека Албанците биле дојденци на просторите во Македонија и Косово, оти Скендер бег и неговото семејство, Мајка Тереза и други албански личности имаат ‘македонско’ потекло, дека УЧК била терористичка организација…“
„Можат да се изнесуваат и многу други примери на чисти лаги на ‘македонските научни сознанија’, но важен е фактот дека северомакедонските партии преку нивната декларација сакаат да ги ‘запечатат’ таквите антиалбански лаги, покрај фалисификувањата на бугарската историја. Напорите на северомакедонската елита да изгради еден древен и славен идентитет, засновувајќи се врз флагрантни фалсификувања и врз навреди на другите народи на Балканот ќе донесат само нови разочарувања за граѓаните на с.Македонија.“ – тврди професорот од Софискиот универзитет Антон Панчев во своето антимакедонско „Реагирање во врска со Декларацијата предложена од ВМРО ДПМНЕ“, кое го објавува информативната агенција ИНА.






