Панче Тошковски предлог за министер за внатрешни работи

Министер за внатрешни работи во техничката влада, по предлог на ВМРО-ДПМНЕ, ќе биде Панче Тошковски, соопшти Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ во вечерашното интервју во Топ Тема на ТВ Телма.
Вториот министер по предлог на опозицијата во техничката влада ќе биде Ѓоко Велковски во ресорот труд и социјална политика.
Стефан Андоновски ќе биде предлог на опозициската партија за дополнителен заменик министер за информатичко општество и администрација, а Цветан Трипуновски дополнителен заменик министер во министерството за земјоделство.
Тошковски е адвокат по професија, доаѓа од Велес.
Има долгогодишно работно искуство во државните институции. Во период од 2008 до 2011 година работел како советник во Министерството за транспорт и врски, акционерското друштво за стопанисување со деловен простор во сопственост на Република Македонија, а членувал во неколку комисии и работни тела. Во моментов, Панче Тошковски е претседател на републичката правна комисија на ВМРО-ДПМНЕ.
Велковски, пак, краток период мина на функцијата Генерален секретар во Град Скопје, пред да биде разрешен од градоначалничката Данела Арсовска.
За нов дополнителен заменик министер за финансии е предложена сосема ново решение кое е на професионална основа. Тоа е Елена Петрова, дипломиран економист со над 25 годишно работно искуство во Управата за јавни приходи.

Извор: ТВ Телма