Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими Метју Палмер вршител на должноста заменик-помошник државен секретар во Стејт Департментот на Соединетите Американски Држави за Европа и Евроазија.
Високиот американски дипломат Метју Палмер утре ќе присуствува на прославата на Илинден во Крушево. Тој е во земјава за да изрази поддршка на договорот за името.
„На приемот од страна на претседателот, беше разговарано за актуелните политички состојби во Република Македонија и за натамошно зацврстување, збогатување и унапредување на стратегиското партнерство меѓу Република Македонија и САД.
Во однос на постигнатиот договор меѓу владите на Република Македонија и Република Грција, претседателот Иванов истакна дека не прифаќа договор со кој се крши Уставот, Законите и се рушат државните институциите и претставува договор кој е на штета на македонските национални интереси.
На средбата, претседателот Иванов потенцираше дека одржување на мирот, стабилноста и просперитетот на нашиот регион е од клучно значење за целиот европски континент“, соопштија од Кабинетот на претседателот.
Наследникот на Хојт Ји, дојде во тридневна посета на земјава со намера да ја изрази поддршката на Вашингтон за Договорот со Грција, од кој зависи прогресот на земјата кон членството во НАТО и во ЕУ.
Првата средба Палмер ја имаше со шефот на државата, а двајцата утре ќе присуствуваат и на прославата на Илинден на Мечкин Камен.
Медиуми од Македонија најавија дека во периодот до референдумот ќе има засилени посети од стански дипломати во Македонија да се убеди јавнноста да се изјасни позитивно, а, наводно, предвидена била и посета на Ангела Меркел на земјава.





