Комисијата за заразни болести в петок ќе одржи состанок на којшто ќе се дискутира за состојбата со коронавирусот во државата. Согласно вчерашната статистика, позитивни се 34 проценти од вкупниот број тестирани, а нема починати лица.
Вчера беа регистрирани 511 ново случаи на коронавирус,но и активни беа 1.889, а здравствените власти уверуваат дека состојбата со ковид-19 засега е стабилна.
Во регионот веќе најавуваат рестрикции: Во Бугарија од понеделник се враќа носењето заштитна маска бидејќи земјата се се соочува со нов бран на ковид-19 и варијанта на вирус кој се шири многукратно побрзо, со што мора да бидат подготвени за секоја ситуација.
И во Албанија продолжува трендот на раст на нови случаи на ковид-19. Во текот на вчерашниот ден беа регистрирани 1.215 случаи на вирусот, или 46,3 отсто од тестираните се позитивни.
Во Австрија драстично се зголемува бројот на новозаразени со коронавирусот и во последните 24 часа се регистрирани 15 149 нови случаи, што е бројка што претходно беше забележана на почетокот на април. Во последните 24 часа починаа девет лица заразени со корона.
Во Македонија почна вакцинација со четврта доза…
„Вакцинацијата со четврта доза посебно се препорачува кај хронично болни, пациенти на дијализа, трансплантирани, онколошки пациенти, имунокомпромитирани и пациенти кои примаат имуносупресивна и имуномодулаторна терапија за која било индикација и кај лица над 60 години. Вакцинацијата е најдобра превентивна мерка за заштита од потешка форма на вирусот ковид-19. Државата располага со доволни количини вакцини, кои се безбедни и ефикасни и ги повикуваме граѓаните да се имунизираат во вакциналните пунктови со вакцина против ковид-19, со цел да стекнат дополнителен имунитет“, велат од Министерството за здравство. МИА







