Пак криза во Егејот, турски сили околу грчките острови Имиа!? 

Атински „Катимерини“ денеска одново се навраќа на грчко-турскиот спор околу островчињата Имиа во Егејското море и во близина на турскиот брег откако турското Министерство за надворешни работи соопшти дека воздушниот простор и територијалнит води над и околу Имиа се турски.



Турција реагираше на вчерашниот Извештај и на Стратегијата за проширување подготвена од Европската комисија и констатира дека „за жал, Европската комисија покажа уште еднаш дека не сака да ги разбере тешкотиите на периодот што го поминуваме. Иако ги објаснивме овие прашања  поддржани од документацијата, Комисијата не можеше да биде објективна и избалансирана“ се вели во соопштението во кое уште се оценува дека „недоследно е ЕУ да тврди дека Турција се оддалечува од ЕУ, додека сеуште го попречува процесот на пристапување на Турција со вештачки и политички бариери“.

Што се однесува до островите, турското министерство тврди дека „карпите на Имиа како и територијалните води и воздушниот простор се исклучиво под турска доминација“ пренесува „Катимерини“ и додава дека поред порталот militaire.gr, од грчка страна постои загриженост откако силни турски сили од минатата ноќ се распоредуват во областа околу островите.

Во соопштението на турското Министерство за надворешни работи се вели уште дека „… ‘Блиската’ поддршка на ЕУ со земјите-членки во нивните спорови со трети земји не помага да се решат овие прашања во контекст на добрососедските односи и меѓународното право. Таквиот став е спротивен на вредностите на ЕУ“.

Островот Имиа, (всушност две мали островчиња) со површина од 4 хектари се наоѓа во Егејското море оддалечено 10, односно 4,6 километри од грчките острови Калимнос и Кололимнос и на 7 километри од турскиот брег во близина на Бодрум.

Во 1996 година, меѓу Грција и Турција изби сериозна криза поради спорот за територијалната надлежност вез островот Имиа во архипелагот Додеканеди во Егејското Море. Во близина на островите, кои Турците ги нарекуваат Кардак, бил насукан брод чиј капетан побарал помош од турските власти, а не од грчките. Грција, тогаш, го оцени навлегувањето на турските спасувачки екипи во овие територијални води како акт на агресија.

Кризата се разгорела откако турски новинар кој исто стигнал на островот, го симнал грчкото и го поставил турското знаме.

Старите тензии околу Имиа, започнаа на 28 јануари годинава, кога грчкиот министер за одбрана, Панос Каменос, (се обиде да) положи венец на местото каде што тројца грчки офицери загинаа во хеликоптерска несреќа за време на кризата на островот Имија во 1996 година.

Турски бродови тогаш, наводно, го спречиле обидот на министерот Каменос да стигне до островот, што беше демантирано од Атина.

Веднаш реаграше и официјален Вашингтон преку американскиот амбасадор во Атина, Џефри Пајет, кој рече дека „Америка е загрижена за можен ‘инцидент’ помеѓу Грција и Турција во Егејот.“