Пајазити: „За малцинската Влада на Заев играта завршува на 31 октомври“

„Малцинската Влада на Заев може да ја загуби поддршката на 4 пратеници од БЕСА, но и 5 – 7 пратеници од партиите во владејачката коалиција. Играта за Заев завршува на 31 октомври.“ – вели Насер Пајазити уредник во ТВ 21.мк во својата колумна под наслов „Бројките што ја одржат Владата на Заев?!“, која ја објави весникот на албански јазик „Лајм“.

Пајазити пишува: „Резултатот од првиот изборен круг ја стави на тест актуелната малцинска влада на премиерот Зоран Заев со близу или некаде над 62 пратеници. И покрај пораките за одржување на духот дека има стабилност во централната власт, сепак, реално Заев е најголемиот губитник. Тој го бара сега спасот во скутот на Али Ахмети.“



„Според бројките во Собранието, СДСМ како пратеничка група има само 30 пратеници. Останатите се пратеници од коалицијата ‘Ние можеме’, во која членуваат Движењето БЕСА со 4 пратеници, Либерално-демократската партија, Партијата за демократска обнова (ДОМ), Демократскиот сојуз на Павле Трајанов, Партијата на пензионерите, ВМРО-Народна партија, Турската партија итн. ДУИ со 15 пратеници и ДПА со 1 пратеник обезбедија да се стаса до бројката од 62 пратеници од сегашното мнозинство, за да може Заев да го преземе вториот премиерски мандат.“

„Но, од 17 октомври наваму ситуацијата изгледа тешка, а неговите изјави дека власта е стабилна служат само како утеха за наредните денови, до 31 октомври кога завршува играта.“

„Коалициските партнери ДУИ, БЕСА и ДПА ја потврдија стабилноста на владата. Но, работите се поинакви во таборот на коалицијата ‘Ние можеме’, во која има и други партии како Либерално-демократската партија со 2 пратеника, ДОМ со 1 пратеник, ВМРО- Народна партија со 1 пратеник, Демократскиот сојуз на Павле Трајанов со 1 пратеник, независниот пратеник Зеќир Рамчиловиќ и еден пратеник од Турската партија. Значи, освен Движењето БЕСА со 4 пратеници, од Заев можат да се простат и овие 5 до 7 пратеници.“

„Независното натпреварување на изборите од страна на на Либералдемократите, на ДОМ и на Трајанов беше само почеток на заладувањето на односите во владејачката коалиција. Кулминацијата беше во изборната кампања, каде што имаше боцкања од сите страни и пораки кон спротивната страна. Заев сега бара спас во дворот на албанскиот политички спектар, особено имајќи ги како цел пратениците од коалицијата Алијанса на Албанците – Алтернатива.“

„Министерствата, дирекциите со мала моќ се познатите примамливи мамки, кои Заев знаеше да ги искористи, за да ја одржи својата власт. Менталитетот на овој политичар досега се потврди за победнички пазарења дури и во најтешките ситуации, искажувајќи се како широкоград, но во праксата тој е крајно тесноград. Дали ќе успее овојпат?!“ – прашува Пајазити во заклучниот дел на својата колумна, која ја објави „Лајм“.