Пајазити: Политичарите треба да бидат фрлени во ѓубре! – Вработуваат со партиска книшка, а не со знаење, затоа бегаат младите во странство!

„Политиката не вработува според знаење и меритократија, заслужност, туку со партиска книшка. Да имаше народ со политичка и национална свест ќе ги фрлеше овие политичари во корпа за отпадоци!“ – реагира Мухамер Пајазити, професор од државниот Универзитет во Тетово и политички аналитичар, во објавата на својот фејсбук-профил, која е и своевидна „препорака“ за „соодветен третман“ на „заслужните политичари“ од власта во Македонија… Реакцијата на Пајазити ја пренесува и информативнта агенција на албански јазик Илирија-ИНА под наслов „Да имаше народ со политичка и национална свест ќе ги фрлеше овие политичари во корпа за отпадоци!“.



На фејсбук Мухамер Пајазити пишува: Скопјанката Елмедина Асани дипломирала на Медицинскиот факултет со просек 10 и се уште е невработена. Таа е првата жена неврохирург со многу признанија низ Европа и веќе ја завршила својата специјализација. Веста крена прашина, имаше и ветувања од политичарите, но се го одвеа ветерот. Елмедина остана на улица и се подготвува да ја напушти државата.

Истата судбина како Елмедина ја имаат и многу други млади, кои  семејствата ги школуваат со многу пот и жртви. Политиката не вработува според знаење и меритократија, заслужност, туку со партиска книшка. Ова е најголемиот грев, што ги принудува младите да ја напуштат државата.

Да имаше народ со политичка и национална свест ќе ги фрлеше овие политичари во корпа за отпадоци!