Пајазити: Младите бегаат од оваа земја и ја пцујат, оти корумпираните политичари се богатат крадејќи!

„Мнозинството млади луѓе во Македонија денес се невработени, или работат за минимална плата. Тие немаат никаква сигурност во планирањето на семејството. Сонуваат за нов автомобил, нова марка на ‘паметни’ телефони, за гардероба од најновите брендови, но кога ќе се разбудат тешко наоѓаат пари за макијато, или експресо.“ – вели Мухамер Пајазити, професор по евроинтеграции во ИСПЕ колеџот во Косово, во својата колумна со наслов „Младите без партиски книшки и политички врски бегаат од Македонија“, која ја објави весникот на албански јазик „Лајм“.

Пајазити пишува: „Мал дел од младите успеваат да исполнат некои барања преку своите семејства во Швајцарија, или Германија, додека други секојдневно ја пцујат оваа земја, која работи само за корумпираните политичари. Но, не само што ги имаат овие грижи, туку младите и сите граѓани се соочуваат и со недостиг од добри услуги, без разлика дали во здравството, образованието и други области.“

„Некои го трошат последниот буџет од своите семејства, на крајот завршувајќи како келнери, или во пекарница за леб. Повеќемината се занимаваат со политика, затоа што забележале дека партиската книшка вреди повеќе од дипломата и бидејќи политиката погрешно ги научила, оти е полесно да измамуваш и преку политика да украдеш колку што можеш, отколку да се намачиш, работејќи.“

Денес никој не ја знае вредноста на работата со пот и со знаење. Секој сака да го научи занаетот на политиката, за да има вили, луксузни автомобили, имот и богатство, љубовница и се друго.“

„Или со политика, или со куферите во Германија! Ни се случува второто: голем дел од младите во последно време добија работни визи и почнаа нов живот во Минхен, Хамбург, Берлин и насекаде. Свесни се дека не заработуваат многу, но барем имаат здравствено осигурување, добро образование за децата и доволно приходи, за да живеат достоинствено.“

„Големите маки ги принудиле и ги принудуваат да си заминат. Понекогаш веќе не ни сакаат да знаат за оваа земја, но длабоко во душата се сеќаваат на родното место, на населбите каде што го поминале детството, чекаат и се надеваат дека еден ден ќе биде подобро.“

„Од друга страна, политичарите измислуваат измами и лаги за да добијат некој глас, да ја продолжат старата песна. Оваа држава оди кон банкрот. Ги враќа долговите со нови долгови и останува без човечки ресурси.“ – заклучува Мухамер Пајазити во својата колумна.