Универзитетскиот професор по евроинтеграции Муамер Пајазити смета дека во веќе започнатата кампања за локалните избори „партиите и политичарите ќе им продаваат на бирачите ‘прдежи“ за патриотизам и националистичка реторика, наместо да се зборува за секодневните потреби во општините, кои ги засегаат граѓаните“. Овие ставови тој ги изнесува во својата колумна под наслов „Кампањатa во Македонија – ‘зеленило’ и патриотски ‘прдежи“, која ја објавува весникот на албански јазик „Лајм“.
Пајазити пишува: „Иако во јули започнуваат летните одмори, политичките партии во Македонија веќе ја започнаа предизборната кампања за локалните избори, што ќе се одржат на есен. Со укинувањето на роамингот дури и оние политичари, кои не можат да останат без да уживаат во сончевите зраци, ќе бидат информирани за сè од партиските активисти. Целата битка сега се одвива околу тоа како да се завиткаат, да се запакуваат ‘лагите‘и големите ветувања дека се ќе биде подобро.“
Велејќи дека „и овој пат ќе се слуша за многу мегаломански проекти, модерна инфраструктура, капитални инвестиции и конечно за новиот тренд, за ‘зелената агенда’ – ‘зеленилото’, колумнистот дополнува: „Би било нормално изборите во локалната самоуправа да се насочуваат на теми, кои секојдневно ги засегаат граѓаните во земјата, како што се вода за пиење, санитарни услови, ударни дупки, изградба на градинки, училишта, спортски сали, паркинзи, локални пазари. Но, балканските политичари не го оставаат лебот негибнат дури и со жешките теми. Тие ќе имаат тенденција да продаваат ‘прдежи’ за патриотизам и националистичка реторика, за да се вжешти крвта во вените на милитантите.“
Во својата колумна Пајазити натаму истакнува: „Во албанскиот табор ќе се зборува за федерализација, кантонизација, донесување одлуки со консензус, промена на државните симболи, заедница на албанските општини, за фискалната децентрализација и многу други теми. Во македонскиот табор ќе има натпревар меѓу патриотите и предавниците, милитантите ќе се вжештат, докажувајќи ви колку се во можност да го заштитат македонскиот идентитет, јазик и култура. Секако, сето ова за да се манипулира со вжештените умови на некои гласачи.“
„Но, вистината е дека сите овие ветувања ќе паднат како лисјата на дрвјата наесен и граѓаните повторно ќе се соочат со горчливата реалност на теренот. Всушност, граѓаните треба да бидат заинтересирани за кандидатите, а не за партијата, затоа што еднаш засекогаш треба да се искажат вредностите и меритократијата, односно, заслугите. Мора да биде важен кандидатот, односно човекот со професионални, морални и национални вредности.“ – заклучува универзитетскиот професор Муамер Пајазити во својата колумна, која ја објавува „Лајм“.
Извор: https://lajmpress.org/fushata-ne-maqedoni-jeshilleku-dhe-pordhet-patriotike/






