Покрај тоа што има стабилизацијата на цените на светските берзи, кај нас цените растат и понатака, а реакција од институциите нема
Владата најави анализа на состојбата и побара од комисијата за заштита од конкуренција да провери дали има неетичко однесување кај трговците, а од Комисијата не можеле да постапат без некој да им посочи дека има сомнение . Бизнисот, пак, се правда дека новите цени се резултат на порамнувањето и на повисоките цени на репроматеријалите од увоз.
Економисти за Плусинфо. Мк велат дека брзото покачување на цените кога суровините и другите трошоци во светот растат и бавната реакција кога светските цени паѓаат е резултат на нарушениот пазарен систем во земјава и обидот на дел од бизнисите да профитираат во таа меѓусостојба. Дел од вината за состојбата, според нив, лежи и во мерките кои ги презеде владата за зауздување на цените, со што се нарушија пазарните законитости што пак отвора место за манипулации на трговците. Тие очекуваат добра анализа на состојбите од страна на владата и засилени контролни мерки. Но, засега ништо од тоа не се случува. Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи ја гледа причината за ваквата состојба на македонскиот пазар во малиот и нефункционален пазар на земјава.
– Големите пазари брзо реагираат на секоја промена на побарувачката и понудата затоа и побрзо се чувствуваат тие промени во цените. Кај нас пазарот е мал и нефункционален односно е нарушен системот понуда-побарувачка и секоја промена се чувствува задоцнето. Трговците често го користат тоа и ги зголемуваат цените пред да се променат условите на пазарот, односно ги пресретнуваат промените на побарувачката. Тоа резултира со повисоки цени иако побарувачката опаѓа, а понудата расте – вели Димитров за Плусинфо
Според него, циклусот од резерва до продажба во прехранбената индустрија не е толку голем за да не може производителите да реагираат на промените на цените на суровините кои се случуваат во светот.
– Во прехраната циклусот поради кусиот рок на траење на суровините е најмногу 2 до 3 месеци што говори дека тој циклус не може да биде причина за честите промени на цените нагоре. Ако, пак, сметаме дека увозните цени се причина за повисоките цени, сметам дека тие не се виновни за растот на цените, туку тоа што немаме примарно производство од каде што би се обезбедиле суровините. Ние го уништивме земјоделството преку неправилно насочени субвенции и откупна политика. Се субвенционираше без да се знае дали земјоделецот употребил соодветна прихрана или соодветни мерки на заштита, односно се субвенционираше без да се бара зголемено производство и приноси. И така се доведовме во состојба да го увезуваме и она што можеме да го произведеме дома, а цените да ги диктира друг – вели Димитров.
Според него, единствена оправдана причина за моменталното зголемување на цените може да биде само растот на платите.
– Единствена оправдана причина за зголемување на цените е зголемувањето на платите кое се направи без зголемување на продуктивноста. Прво со зголемувањето на минималната плата па потоа и со недостигот од работници за што компаниите беа принудени да прават повисоки трошоци за да ги задржат работниците, но продуктивноста им опаѓа, што се пресметува во цената на производот. Но такво оправдување јавно не е презентирано и сè се сведува на увозните цени кои моментално се стабилни – вели Димитров.
Тој смета дека удел во оваа ситуација имаат и мерките на владата, но смета дека во одредени моменти се потребни вакви мерки само за основните производи за да се задржи стандардот на граѓаните, но не и на другите прехранбени производи.

Извор :https://plusinfo.mk/zoshto-vo-svetot-cenite-pa-aat-a-ka-nas-rastat-ekonomisti-velat-deka-ima-narushuva-e-na-pazarot-za-shto-pridonesuvaat-i-merkite-na-vladata/





