Паднал таван на училиште во Битола – повредена ученичка

Ученичка од битолското средно медицинско училиште „Д-р Јован Калаузи“ вчера била повредена откако врз неа паднал дел од таванот додека била во еден од училишните тоалети.



Ученичката била исплашена, и заедно со родителите била во Клиничката болница, каде што ѝ биле направени испитувања поради болки во раката.

Битолскиот градоначалник Тони Коњановски вчера со општинска комисија извршил увид на местото, а при увидот директорката на училиштето Наташа Илиева информирала оти тоалетите биле реконструирани пред неколку години, но дека деновиве се соочиле со проблеми и извесно прокиснување на таванот на горниот кат.

Од општината велат дека градоначалникот побарал одговорност од директорката на битолското медицинско училиште поради непријавениот проблем.